Расте вкупното светско богатство, Кина ги престигна САД со 120 илјади милијарди долари – ММС
ММС

Објавено на: 11/18/21 2:42 PM

Расте вкупното светско богатство, Кина ги престигна САД со 120 илјади милијарди долари

Богатството на Кина драстично се зголемило во последните две децении, дури за 17 пати. Од седум трилиони (илјада милијарди) во 2000 година, на 120 трилиони долари во 2020 година, според анализата на познатата консултантска компанија „Меккинзи“, објави „Блумберг“.
Се зголемило и вкупното светско богатство, од 160 трилиони во 2000 година, на 514 трилиони долари во 2020 година.
Извештајот анализира 10 земји во светот кои поседуваат вкупно 60 отсто од светскиот бруто домашен производ, а тоа се Австралија, Канада, Кина, Франција, Германија, Јапонија, Мексико, Шведска, Велика Британија и САД.
Околу 68 отсто од светското богатство е во недвижности, наведува „Меккинзи“, и додава дека историската врска меѓу растот на бруто домашниот производ и растот на богатството веќе не важи, бидејќи растот на богатството го надминал растот на БДП.
Причината за тоа ја гледаат во „надуениот балон на цените на недвижностите“ и предупредуваат дека растот на вредноста на недвижностите може да биде нестабилен и да доведе до нова светска економска криза, слична на онаа од 2008 година.
Во случај да дојде до ваква криза, овојпат таа би можела силно да ја погоди Кина, додека претходниот пат ги потресе САД, и да доведе до исчезнување на третина од светското богатство, пренесува „Блумберг“.
Финансиските средства не се вклучени во светското богатство, бидејќи се компензираат со обврски, наведува „МекКинзи“.

Извор: republika.rs