Министерството за здравство соопшти дека една од главните негови заложби во изминатите години било унапредување на условите, вложување во модерна опрема и обуки на Клиниката за гинекологија и акушерство и таа заложба ја претвориле во ефикасна стратегија која за само пет години даде фантастични резултати и ги унапреди условите за родилките и обезбеди врвна нега за новороденчињата.
Како директна последица на постојано унапредување на условите и модернизација на Клиниката, од 2016 до 2021 година успеавме да ја намалиме смртноста кај предвреме родените бебиња од 26 отсто на само осум отсто со тенденција овој процент и понатаму да паѓа. Континуираната обука и унапредување на персоналот и силните инвестиции во модерна апаратура се клучот за успех и квалитетна работа на оваа Клиника, информираат од Министерството.
Во изминатиот период набавивме 15 модерни инкубатори, нешто што недостигаше на Клиниката но и низа други апарати и опрема, како микроскопи, системи за деминерализација, респираторни машини, подвижни протокомери за кислород и друга опрема. Оваа опрема беше нужна да се понуди најдобрата услуга, а со тоа и да се спасат што е можно повеќе млади животи. Денес ГАК располага со врвна апаратура, знаење и мотивиран персонал кој работи по светски стандарди.
На денот на предвреме новородените деца, Министерството порачува дека превенцијата, навремените прегледи и грижата за сопственото здравје на трудниците се клучот за стабилна бременост и зачувување на здравјето на бебињата. Министерството ќе продолжи да вложува и да го унапредува одделот за Гинекологија и акушерство со цел врвна услуга, многу спасени млади животи и европски стандарди во македонското здравство, стои во соопштението.
МИА