Важеше за град со најстроги мерки: Вашингтон од следната недела ќе го укине задолжителното носење на маски во затворен простор – ММС
ММС

Објавено на: 11/16/21 9:26 PM

Важеше за град со најстроги мерки: Вашингтон од следната недела ќе го укине задолжителното носење на маски во затворен простор

Главниот град на САД, Вашингтон, едно од местата со најстроги антиковид мерки во земјата, од следната недела ќе го укине задолжителното носење маска во затворен простор, соопшти денеска градоначалничката Мјуриел Боузер.

-Од понеделник Вашингтон ја укинува обврската за носење маска во затворен простор, рече таа на денешната прес-конференција.

Приватните компании може да продолжат да бараат маската да се носи и таа останува задолжителна во јавниот превоз, во училиштата, библиотеките, домовите за стари лица, како и во некои јавни згради.

Главниот град на САД на крајот на јули воведе задолжително носење маска за вакцинирани и невакцинирани лица поради зголемениот број на инфекции поврзани со делта сојот на коронавирусот.

Со мерката Вашингтон важеше за еден од градовите со најстроги мерки поврзани со коронавирусот во земјата.

Американскиот центар за превенција на болести (ЦДЦ) соопшти дека, сепак,  иако бројот на инфекции во Вашингтон е стабилизиран, постои загриженост дека градот е место каде што циркулацијата на вирусот е сè уште значајна.