Како функционира Посебниот фонд за вработување лица со попреченост? – Од Агенцијата за вработување очекуваат над 90 отсто реализација на средствата – ММС
ММС

Објавено на: 11/16/21 10:00 AM

Како функционира Посебниот фонд за вработување лица со попреченост? – Од Агенцијата за вработување очекуваат над 90 отсто реализација на средствата

Преработувачката индустрија, трговијата на големо и трговијата на мало се дејностите во кои инвалидните лица најмногу се вработуваат. Тие работат и во дејноста транспорт и складирање, но и во административни и помошни услужни дејности – велат од Агенцијата за вработување, која располага со Посебен фонд за стимулација на работодавачите.

Бројките укажуваат на речиси стопроцентна реализација на средствата предвидени во Посебниот фонд за инвалидни лица за 2020-та година. Лани работодавачите искористиле 99,4 отсто од овие средства, за разлика од 2019-та година кога се реализирале 65,4 отсто од планираните средства.

Со тие бројки е слична и реализацијата од јануари до септември 2021-та, а прогнозите се дека до крајот на годината таа би била над 90 %.

Работодавачите може да ги вработат евидентираните невработени индалидни лица по обезбедени услови согласно нивните потреби

Вработувањето на инвалидно лице се врши од редот на евидентираните невработени инвалидни лица во Агенцијата за вработување (евидентирање на невработени лица се врши во центарот  за вработување на подрачјето на неговото живеалиште) – објаснуваат од АВРСМ за ММС.

Од таму нагласуваат дека водат евиденција на невработени инвалидни лица, а работодавачите кои сакаат да вработат инвалидно лице со посредување на центарот за вработување, пополнуваат барање за посредување при вработување на работници, во кое наведуваат дека бараат да вработат инвалидно лице.

-При вработување на инвалидно лице, работодавачот е должен да создаде соодветни услови за работење во зависност од работното место, видот и степенот на инвалидноста на инвалидното лице кое се вработува. Инвалидното лице може да се вработи на работно место за кое има образование за соодветно занимање, односно може да се вработи на соодветно работно место доколку има наод и мислење од Комисијата при Министерството за труд и социјална политика за определување на работи кои може да ги извршува инвалидното лице на соодветно работно место – истакнуваат од Агенцијата.

Работодавачите треба да ги вратат средствата од Посебниот фонд ако не ги користат за намената за која ги добиле

Во однос на тоа како се одлучува дека една компанија ги исполнува условите за вработување инвалидно лице, појаснуваат дека сите работодавачи можат да вработат инвалидно лице доколку тоа е евидентирано како невработено, обезбедат соодветни услови согласно потребите и видот и степенот на попреченост.

-Исто така работодавачот треба да обезбеди наод и мислење за определување на работи кои може да ги извршува инвалидното лице на соодветно работно место издадено од Комисијата за определување на работи кои може да ги извршува инвалидното лице, при Министерството за труд и социјална политика – истакнуваат од Агенцијата.

При тоа, додаваат дека вршат и увид во деловните простории каде што работат лицата со попреченост, но само доколку нивните работодавачи добиле неповратни средства од Посебниот фонд за таа намена. Покрај ова, Агенцијата врши и увид за утврдување на наменско користење на доделените средства од Посебниот фонд кај работодавачите на кои им се доделени средства од Посебниот фонд.

-Увидот за доставено барање за доделување на средства се прави од страна на трочлена комисија – вработени во центарот за вработување и увид од страна на членови на Управниот одбор и стручно лице од Централна служба, објаснуваат од АВРСМ.

Увид за наменско користење на доделените средства од Посебниот фонд се вршат преку центрите за вработување и тоа на секои три месеци, а по потреба и почесто.

-Доколку при увидот се утврди дека корисникот на средства не ги исполнува обврските предвидени со Законот (инвалидното лице да не работи на соодветното работно место за кое има наод од Комисијата, доколку не му се исплаќа редовно плата, инвалидното лице не доаѓа на работа…), центарот за вработување  до Централната служба на Агенцијата за вработување доставува известување за утврдените неправилности. Управниот одбор на Агенцијата за вработување го разгледува доставеното известување и носи решение за враќање на доделените средства – потенцираат од АВРСМ.

Македонски медиа сервис претходно информираше дека до крајот на годината се очекуваат нови законски измени, чија цел е да се зголеми застапеноста на граѓаните со попреченост на пазарот на труд, а од Агенцијата за вработување велат дека и тие се вклучени во нивното изготвување.

-Агенцијата за вработување на РСМ преку свои претставници учествува и дава мислења, забелешки и сугестии при изготвување на новите законски измени за вработување инвалидни лица во рамките на своите надлежности, особено што најголем дел активности, обврски и надлежности кои се предвидуваат  со новата законската регулатива за вработување на инвалидни лица се спроведува преку Агенцијата за вработување.

Вања Мицевска

Фото: Илустрација/Freepik