Светски ден на дијабетес: Загрижувачки податоци-во Македонија има 131.000 пациенти, од кои 46.000 се на инсулинска терапија – ММС
ММС

Објавено на: 11/13/21 8:45 PM

Светски ден на дијабетес: Загрижувачки податоци-во Македонија има 131.000 пациенти, од кои 46.000 се на инсулинска терапија

Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија – БАЛАНС МК вечерва организираше настан на кој го одбележа 14 ноември – Светскиот ден на дијабетесот. Зоран Гучев, раководителот на Одделот за Ендокринологија при Клиниката за детски болести – Скопје информираше дека во Северна Македонија има 131.000 пациенти со дијабет, од кои 46.000 се на инсулин. Загрижувачка е и бројката на 800 деца кои се на инсулин, главно тип 1 дијабет.
„Пандемијата за жал покажа дека меѓу најранливите категории се лицата со дијабетесот. Потребно е како општество да ги ангажираме сите ресурси и потенцијали во справување со дијабетесот, изјави претседателот Стево Пендаровски.

Тој додаде дека не смееме да доцниме зад светот и да дозволиме децата да немаат пристап до современи и иновативни терапии, како и кон медицинско технички системи, како што се системите за континуирано следење на ниво на шеќерот во крвта, можност што им е понудена на децата во Европа и регионот.
Министерот за здравство, Венко Филипче истакна дека од голема важност е да се унапреди животот на пациентите кои имаат дијабет.
„Во изминатите години напорно работевме во делот на иновативна терапија, инфраструктура во болниците и технолошките пронајдоци што ќе го олеснат животот на овие пациенти. Со измена на Законот за увоз на лекови, се укина Законот за паралелен увоз на лекови, со што престанаа да се носат инсулини на непроверен и несоодветен начин од Турција“, рече Филипче и додаде дека по примерот на најразвиените земји, сега ги имаме најсовремените инсулини.
Во рамки на настанот беше прикажана и изложба посветена на откривањето и развојот на инсулинот и пропратните помагала за неговото користење. По принцип на времеплов, изложбата раскажува за појавата на инсулинот, неговиот пат, научен развој, практична примена и неговото суштинско значење за луѓето со дијабетес. Беа изложени и факти за изумителите на првиот инсулински препарат, првите корисници и начинот на користење на инсулинот.
Ширум светот 537 милиони луѓе имаат дијабетес, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во Северна Македонија, во 2020 година од дијабетес заболеле 7.432 лица, а починати се 1.365 лица од дијабетес мелитус.

(МИА)