(видео)Штипјани да бидат спокојни – водата од Злетовица нема радиоактивност – ММС
ММС

Објавено на: 11/13/21 2:07 PM

(видео)Штипјани да бидат спокојни – водата од Злетовица нема радиоактивност

Хидросистемот Злетовица според проектот, требаше во својата трета фаза да го воведе и системот на мини хидроцентрали на Злетовска река, кои ќе произведуваат електрична енергија. Директорот на ХС „Злетовица“, Миле Илиевски, објасни дека работата на проектот неколку години е закочена, се до неодамна, кога се очекуваше да се потпише анекс на договорот за кредитирање и потоа да отпочне работата на системот на наводнување, а потоа и планираната трета фаза. Меѓутоа, оставката на министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа засега го стопира процесот, објаснува Илиевски, кој гостуваше во емисијата Стадион на Канал 77.

-Во 2012 година потпишан договор за кредитирање на Европска инвестициска банка, со која со грант од милион евра требаше да биде изработена техничка документација, но дојде до одложување на проектот поради техничко- градежни директиви. За среќа, сега преговорите со банката се завршени. Требаше на 9 ноември со министерот за земјоделство Аријанит Хоџа да го потпишеме последниот анекс и со тоа да се затвораше грантот со техничка док и ќе се отвореше простор за кредитирање и изградба на следните двете фази, изјави Илиевски.


Директорот на „Злетовица“ ги објасни и долгогодишните митови околу наводната радиоактивност на водата за пиење што ја испорачува хидросистемот.

-Мене ми е жал што посебно кај населението во Штип се пласираа невистини, дека водата е радиоактивна. Во последните 10 години правиме двапати годишно комплексна анализа  во Институот за јавно здравје во Скопје, која е единствената акредитирана инститиуција за мерење тешки метали и радиоактивност. До сега немаме добиено резултати, кои покажуваат зголемување на радиоактивност и зголемени вредности на тешки метали. Секој што бил на местото каде е изграден хидросистемот, знае дека е тоа недопрена природа, дури е иселен крајот, нема индустрија, ниту загадувачи кои можат да придонесат за загадување. Жителите на Штип и останатите општини кои се водоснабдуваат од „Злетовица“ треба да бидат спокојни. До сега нема никаков проблем со квалитетот на водата. Потврдено е од сите институции што го следат квалитетот на водата, рече Илиевски во Стадион.