Арсовска: Да ги надминеме разликите и да го направиме Скопје град на солидарност и на соживот – ММС
ММС

Објавено на: 11/13/21 2:31 PM

Арсовска: Да ги надминеме разликите и да го направиме Скопје град на солидарност и на соживот

По повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Град Скопје денеска градоначалничката Арсовска положи цвеќе пред Споменикот на ослободителите на градот Скопје на Партизанските гробишта „Бутел“ и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на градските гробишта..
„Денеска имаме можност да живееме во слободен град, но тоа е и аманетот кој ни го оставија оние кои жртвата ја положија за да живееме во ваков град. Да гледаме кон иднината, да ја живееме сегашноста, надевајќи се дека ќе можеме да ги надминеме разликите и повторно да го направиме Скопје град на солидарноста и град на соживотот“, порача градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Таа истакна дека скопјани можат да се обединат и сите заедно да почнат да ја реализираат визијата за модерно, европско и поубаво Скопје.

На гробиштата во Бутел, цвеќиња положија и делегации од Кабинетот на претседателот на државата, Собранието, Владата, Министерството за одбрана, Генералштабот, Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна – Скопје, како и делегации од општините на Град Скопје, јавни претпријатија, културни установи, Црвниот крст на град Скопје, дипломатскиот кор и граѓани.