„Фронтекс“: ЕУ мора да се подготви за зголемен број на мигранти од Блискиот Исток – ММС
ММС

Објавено на: 11/13/21 10:43 AM

„Фронтекс“: ЕУ мора да се подготви за зголемен број на мигранти од Блискиот Исток

„Европската унија мора да биде подготвена да се соочи со зголемување на бројот на мигранти кои се обидуваат да влезат во блокот, имајќи предвид дека пристигнувањето на многумина од Блискиот Исток преку Белорусија ќе продолжи уште долго време“, изјави Фабрис Легери, директорот на „Фронтекс“ (Европската агенција за гранична и крајбрежна стража).
ЕУ го обвинува Минск дека создава криза, како дел од „хибриден напад“ врз ЕУ, со дистрибуција на белоруски визи на Блискиот исток, префрлање мигранти и охрабрување илегално да ја преминат границата.
„Сите фактори кои ја предизвикаа оваа криза се сè уште присутни и работите не се движат или не деескалираат…Мораме да бидеме подготвени да се соочиме со оваа ситуација долго време“, рече Легери.
Полската гранична стража соопшти дека во октомври биле направени повеќе од 17.000 нелегални обиди за преминување на границата, што е двојно повеќе од септември, а илјадници мигранти сè уште кампуваат во близина на границата на Белорусија со Полска.
Полска одбива дополнителна поддршка од граничари на „Фронтекс“, тврдејќи дека има доволно сопствени гранични сили за да ја заврши работата.
Легери рече дека иако „Фронтекс“ не испрати луѓе на терен за да ја поддржат Полска поради ескалацијата на тензиите на нејзината граница со Белорусија, агенцијата разговара за споделување дополнителни сателитски снимки со земјата. Исто така, планира да и помогне на Полска да ги врати мигрантите во нивните матични земји, како што е Ирак.