Билјана Јовановска, директорката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОСМ), е оптимист во однос на финансиската кондиција на Фондот за ПИОСМ. Во интервју за ММС.мк, таа со оптимизам вели дека главни причина за тоа се поголемиот број на осигуреници, зголемените стапки на придонеси од плата, како и растот на платите. Јовановска е сигурна дека ваквата ситуација ќе се задржи, што ќе значи дека не се загрозени пензионерите и тие не треба да стравуваат дека ќе останат без пензии.
Велите дека Фондот е во стабилна финансиската кондиција иако во ковид пандемијата многу работни места беа во криза и немаше редовна исплата на плати за многу вработени. На што се должи Вашиот оптимизам ?
-Фондот е во добра и стабилна финансиска состојба, што значи дека реализацијата на приходите се спроведува според планираната динамика, и покрај пандемијата. Исплатата на пензиите се врши редовно, дури во последната година, и предвремено. Годинава има континуиран пораст на бројот на осигуреници и според наша евиденција, во септември имаше за 2.119 осигуреници повеќе од истиот месец во 2020 година. Тоа се рефлектира и врз приходите на Фондот. Придонесот од плата, кој е основен извор за финансирање, во периодот јануари-септември 2021 година е за 6,27 отсто повисок од остварените приходи во 2020 година. Така што, овој процес во моментов е во еден вид на баланс. Потврда за тоа е и податокот дека нема поместување на соодносот корисник на пензија – осигуреник, кој во моментов е 1:1,8. Имајќи ги предвид сите мерки и проекти што Владата ги презема за време на пандемијата, сигурни сме дека Фондот за ПИОСМ ќе остане во стабилна финансиска состојба.
Што поконкретно покажуват бројките во однос на приходите од придонеси на осигурениците?
-Дека тие растат. На пример, во 2020 година вкупните приходи од придонеси, споредено со 2019 година, беа повисоки за 10,64 отсто. Ако ги споредуваме податоците од годинава (првите 10 месеци 2021, со истиот период во 2019г), тогаш имаме раст од 17,65 отсто.
Приходите по овој основ растат затоа што имаме повисока стапка на придонеси, но и зголемување на платите. Ако во 2019 година стапката за пензиски придонес изнесуваше 18,4 отсто, во 2020 и во оваа 2021 година е 18,8 отсто. Во меѓувреме има и пораст на минималната плата и генерално на сите плати во државава. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во овој период просечната плата е повисока за 3.500 денари. Сето тоа влијае врз финансиите на Фондот.
Колкав е процентот на средствата што се уплаќа од државниот буџет во Фондот на ПИОСМ, растат или се намалуваат овие приливи?
-Трансферот од државниот буџет, во однос на нашиот вкупен буџет, покажува тренд на намалување. Ако во 2017 година тој изнесувал 43 отсто од вкупните приходи, оваа година средствата од буџетот учествуваат со 38,18 отсто во вкупните приходи. Треба да имаме предвид дека овој прилив од буџетот доаѓа и поради транзициските трошоци што Фондот ги има со воведување на вториот пензиски столб. Знаете дека сега 6 отсто од придонесот, кој изнесува 18,8 отсто, го трансферираме во задолжителните приватни пензиски фондови, а пензиите ги исплаќа само државниот фонд. И затоа е притисокот поголем. Но, со реформите се предвидува, по акумулирањето доволно средства во вториот столб, да започне исплатата на пензии од двата столба комбинирано. При тоа, државниот фонд би бил оптоварен со една третина од средствата потребни за исплата на пензии, а вториот столб би бил оптоварен со две третини. Временски, ова би се случило некаде после 2030 година.
Каков е соодносот меѓу пензионери и вработени во државава и дали е тој доволен за Фондот да не остане без средства за пензии ?
-Заклучно со септември имаме 325.339 пензионери во државата. Во моментов на еден пензионер има по 1,8 вработени. Тоа е тренд што го имаме во последните три години. Пред повеќе од 10 години, на пример во 2007, тој сооднос бил 1:1,6. Од 2002 до 2005 година бил пикот, кога на еден пензионер имало само 1,3 вработени.
Но, таков проблем има секаде во Европа. Со демографските промени, најголем удар се нанесува врз принципот на генерациска солидарност, пред се, поради зголемувањето на просечниот животен век на луѓето и намалувањето на односот вработен/пензионер, ширум светот, па и кај нас. Затоа се пристапи кон измена на системот на генерациска солидарност и воведување на комбиниран систем со државни и приватни фондови.
Колку изнесува минималната пензија кај нас, а колку максималната и колкав е бројот на пензионери со минимална пензија?
-Минималната пензија што се исплаќа во државава изнесува 10.487,00 денари, а бројот на корисници на минимална пензија е 80.039, заклучно со септември 2021 година. Максималната пензија, пак, изнесува 57.992,00 денари и во моментот ја користат 48 корисници.
Како се движат процентите за определување на висината на пензијата -според стаж и старост, дали споредено со периодот од пред 10 години има разлика (намалување или зголемување)?
-Пресметката за пензија е мошне комплексна, затоа што порано постоеше само еден пензиски столб, а сега се два. За осигуреници кои не се членови во задолжително капитално осигурување, односно се во вториот пензиски столб, а имаат пензиски стаж најмалку 15 години до 1 септември 2001г, висината на пензијата се определува според проценти од табелата дадена во член 228 став 1 од Законот за ПИО. Со тоа што тие проценти се применуваат за стаж навршен до 31 декември 2012 година. А, за секоја година стаж, по овој датум, согласно Закон, се предвидени други проценти кои периодично се намалуваат.
За осигурениците кои немаат стаж на осигурување од 15 години до 1.09.2001 година, се применуваат процентите предвидени во став 3 од членот 228 и во зависност од полот и должината на стажот, се определува процент кој соодветствува во индивидуалниот случај. Споредено со периодот пред 10 години се намалува процентот за определување на старосна пензија, така што претходно за маж било 1,8 отсто, па се намалил на 1,61 отсто, на 1.54 и 1,47 отсто, за една година пензиски стаж.
Доколку се донесат измени во Законот за пензиско и инвалидското осигурување за предвремено пензионирање (како што најавуваше Владата), дали Фондот е подготвен за такво дополнителни трошоци, поради наплив на нови пензионери?
-Да почекаме да видиме во која насока би оделе измените, доколку Владата се одлучи да прави измени. Засега не би коментирале законски решенија што биле во најава, а се во надлежност и се носат од страна на одговорни министерства.
Маја Томиќ
Многу пензионери со минимнална пензија, малку со максимална
Според податоците на Фондот од септември годинава, од вкупно 325.339 пензионери во државава, со минимална пензија од 10.487,00 денари се 80.039. Со максимална пензија од 57.992,00 денари се само 48 на број