„Со еден куфер заминав од дома, а учев по 17 часа на ден“ – Животот на д-р Иво Бошковски од Тетово, кој стана признат научник и клиничар во Италија – ММС
ММС

Објавено на: 11/11/21 7:00 PM

„Со еден куфер заминав од дома, а учев по 17 часа на ден“ – Животот на д-р Иво Бошковски од Тетово, кој стана признат научник и клиничар во Италија

Учи, учи и само учи, ова е мотото на успешните луѓе, бидејќи без тоа не се стасува никаде. Ова важи за сите, особено за младите, кои стојат пред предизвикот каде да го продолжат образованието,  во странство или дома.Но без оглед на тоа учењето ги чека секаде.

Пример за тоа како со учење се стасува далеку е д-р Иво Бошковски од Тетово, кој денес ги жнее плодовите на својот труд. Бошковски е доктор, признат научник и клиничар во областа на гастроентерологијата во глобални рамки и работи на Католичкиот универзитет во чии рамки функционира поликлиниката „Агостино Џемели“ во Рим, Италија.

Бошковски пред некој ден престојуваше во Скопје, беше гостин на Клиниката за гастроентерохепатологија, каде беше промовирана новата метода за помош на пациентите кои боледуваат од Баретов езофагус. ММС го искористи моментот да поразговара за неговиот живот, за неговиот успех,  односно за тоа како се стасува на врвот

Како од Тетово, преку Скопје и Перуџа се доаѓа до најдобрата светска болница во Рим?

-Тоа е ентузијазам на една млада личност. Тогаш. Сега не.  Доколку некој ме праша дали некогаш би повторил се, не знам што би одговорил. Можеби да. Јас во Скопје студрирав медицина првите две години, а потоа се одлучив да се преселам во Италија. Повторно полагав приемен испит, а добив и стипендија. Ми ги признаа сите испити што ги полагав овде. Тука требаше да се запишам на трета и таму ме запишаа на трета година. И така тргна. Првите три години на медицина горе-долку испитите се исти секаде, затоа и јас не  требаше ништо да преполагам. И дипломирав во Перуџа, а специјализирав на кампус биомедико. Во тој период, како сега, беше екстремно тешко да се влезе на специјализација. Но, пробав, сакав да бидам  гастроентереолог, ендоскопист, затоа и пробав на Кампус биомедико. Кога ја добив специјализацијата се префрлив во Рим на „Џемели“ болницата и четири години спцијализирав, па потоа докторат и еве се уште сум таму.

Ве прашав затоа што и покрај тоа што е толку тешко, сепак, момче од Тетово стаса до најдобрата болница  во Рим, без лекарско педигре, без врски, без политичка припадност, туку само со учење, труд и љубов кон медицината?

-И во Италија има такви случаи, но се многу, многу ретки. Системот е така направен да не може по презиме, по фамилијарна  или политичка основа да се влезе некаде. Според мене, тука во Македонија многу е лесно ако вистински се сака да се направат реформи. Јас ги имам полагано сите испити пред комисија, пред три професори и публика. Тоа е стандардно и нема ништо чудно во тоа. Јавно прашање, јавен одговор. Сите писмени испити се  со бар код и никој не го знае моето презиме. Индексот е електронски и никој не може да види какви оценки имам по другите предмети. Така им е  полесна работата на професорите, нема да имаат притисоци од колеги, од политичари и други.  Искрено ќе кажам, и секогаш го кажувам дека првите две години во медицина во Скопје гледав колеги со звучни презимиња, кои влегуваа во кабинет кај професорот и по пет минути кафе пиење излегуваа со 10ка. Никој не знае што се случило внатре. Во ниту едно место  кај што знам го нема тоа. Испитот е јавна работа. Било кој може да дојде, да присуствува и да слуша. Можеш да си донесеш роднини, пријатели или било кој да слуша. На крајот на краиштата дипломата е јавна, лиценцата е јавна, работата е јавна. Зборувам за било кој факултет. Па личноста се оспособува да ја врши својата должност и нема тука ништо страшно. Се оценува по тоа што е спремно.

Сите наши кои ќе заминат во странство и постигнат успех, се гордост и за народот и за државата. Но, спеак, би сакала да Ве прашам зошто по заврушување не се вративте тука, туку се одлучивте да останете во Италија, да ја градите кариерата и да живеете?

-Немав против да се вратам тука, но уште за време на специјализацијата бев вработен во болницата. Болницата „Џемели“ е најдобар ендоскопски центар на свет, имаме хибридна сала со скенер, со робот во истата сала, имаме 12 ендоскопски сали, 22 илјади ендоскопии годишно работиме, од кои 80 пороценти се оперативни, бидејќи сме центар и доаѓаат луѓе од целиот свет за интервенции. Мислам дека во мојата позиција можам многу повеќе да помогнам на колегите и на Македонија од надвор, отколку од внатре. Јас работите тука ги гледам од страна и можам да кажам дека не смее да има мешање на политиката во ниту еден сектор. Ќе кажам еден мој личен пример, кој го кажував и на колегите. Во 2017 година се враќав од Сицилија и до мене во  авион седна една госпоѓа, која гледаше во мојот лап топ што работев. Госпоѓата почна да ме прашува каде работам, бидејќи по она што го виде свати дека сум лекар.  Кога и кажав каде работам ме праша: А знаете ли која сум јас? Кога и кажав дека не знам таа ми се насмевна и ми рече дека е министерка за здравство. Во тоа време беше Беатриче. Не знаев, немав поим кој е министер за здравство. Денес знам кој е поради ситуацијата со пандемијата, но инаку не. Не само за здравство, туку и за други министри немам пим, ниту јас ниту мои колеги. Секој си ја гледа својата работа. Македонија е мала држава, таков е менталитетот, треба стандардот да се зголеми. Тоа што отсекогаш ми е чудно се политичките промени на директорите на Клиника, а не гледање на биографијата на човекот.  На било која Клиника треба директорот да биде професионалец, не член на партија. Многу е чудно кога  кажуваат дека министер назначува директори на Клиники и тоа можеби тука е нормално, но од надвор гледано не е нормално.  Во Македонија има доста професионалци, кадар кој е навистина способен. Еве инструментите на интервенцијата не ги чепнав, колегите направија се. Младите можат тука да останат, да не бегаат, ама потребни се мали, но радикални реформи и политиката понастрана. Треба на лекарите да им се згоелмат платите за да не бегаат надвор, да им се дозволи да работат и приватно. Не може да лимитирате  лекар да работи само државно и да има фиксна плата. Лекарот мора да има можност да работи и приватно и државно, нормално под контрола. Основни човекови права се слобода на работа.

 

За да се биде успешен, како што сте и Вие потребни се жртви. Која е вашата жртва за да стасате до тука?

– Кога некој има  јасна идеја што треба да се направи после е лесно. Имав 20тина години кога тргнав. Нормално, комплетно да се промени држава за една млада личност, место на живеење, другари, културолошки шок, промена на систем на работа, сето тоа е доста тешко и нависнина бара жртви. Прво учење на италијанскиот јазик. Се разбира добив стипендија, доста добра економска помош, паучебници, менза. Во Перуџа гледав студенти од цел свет и ми беше полесно кога гледав други како мене. Беа дојдени од разни богати  и сиромашни држави и сега имам другари од цел свет, од бивши Ју простори, сите континенти. Учев по 17 часа на  ден во библиотека. Од отворање до затворање. Не бркаа од библиотеката за да затворат. Но, медицина бара многу учење.

Кога тргнавте прв пат очекувавте ли дека ќе стасате до тука? Кои беа вашите студенствки о чекувања?

-Па не. Така се местат нештата, со работа и само работа. Од небо ништо не паѓа. Кога некој знае што сака во животот е многу поедноставно.

Велите дека во болницата каде работите се лекува папата. Сте се сретнале, сте поразговарале? Какви барања имаат таквите важни личности?

-Да , да. Беше папата Јован Павле Втори, а сега папата Франциско. Тој беше опериран летово. Тој е прекрасна личност, не случајно е папа. Во болницата има 1.600 кревети, има неколку оделенија кои се приватни, а таму е и апартманот на папата, во кој има капела, има неколку соби, па соби за сестрите, за друг  медицински персонал. Тој е многу едноставна личност. Светоста се гледа по тоа, колку човекот е поголем, толку е поедноставен. Има, сум сретнал луѓе кои се на многу високи позиции, а се многу едноставни. Зборуваат со секого, достапни се, даваат совет, разговараат без предрасуди.

Колу имате време да се посветите на семејството, лично на себе, сопруг сте и татко на три дечиња?

-Јас за себе велам дека сум на смена А, на смена Б и смена Ц. На смените А и Б сум на работа, а смена Ц сум дома.  Кога сум со семесјтвото, со децата комплетно се посветувам на нив. Јас го велам тоа квалитетно време. Без телефон, без телевизија, само со  нив и нивните желби. Жена ми е тип на гестапо, која им пушта телевизија по половина час, а другото е цртање, играње, слободни активности. Таа е Италијанка, колешка ми е, но отполсе разбрав дека сме колеги.  Ние сме 10 години разлика и кога се сретнавме, кога се запознавме јас бев доста упорен и на крај таа попушти. Еве сега сме семејство со три дечиња.

Како и се допаѓа Тетово, македонската храна, тетовското гравче?

-Се и се допаѓа, ајвар, гравче, пита. Се што прави  мајка ми таа сака иако и таа доста добро готви. И зборува македонски јазик.  Ми рече дека од мака научила македонски за да знае што зборувам со мајка ми.  Хахаххаха….   Со оваа ситуација од 2019 година не сме дошле во Тетово.  Сега сум службено. Децата се многу мали за да знаеме уште сега дали ќе тргнат по нашите стапки. Едната ќерка се вика Вера, крстена по мајка ми, потоа Пјетро, односно Петар и Изабела, најмалото кое се роди пред неколку дена. Семејството е и релаксација  на крајот на краишатата, тоа е време кое го посветувам на себе. А и доста често патувам. Сега поради пандемијата не толку. Еве во 2019 година имав 79 пати патувано со авиони и еднаш со воз. Лани тоа нагло опадна и сега полека полека се враќа.

Како вие лично како лекар ја поминавте пандемијата, со оглед на тоа што во Италија беше доста критично?

-Беше доста критично, но има многу малку невакцинирани. Само 2-3 милиона од вкупно 65 милиони народ. Висок е процентот на вакцинирани и хигиена, маски дистанца. Тоа е единствен начин за превенција и плус вакцината. Јас не прележав, но минатиот месец ја примив и третата, бустер доза Фајзер.  Ја имаше само таа, но би ја примил било која вакцина. За ситуацијата и недовербата кон вакцините голема вина имаат централните влади и научниците, кои сите не излегоа со ист став да кажат каква е реалноста. Тоа направи доста конфузија, но вакцинацијата е единственото нешто за да се спаси живот. Мојата сопруга прими вакцина за време на бременоста. И таа бремена се вакцинираше со Фајзер.

Веќе имате се, но сепак, има ли нешто што ви недостасува од Македонија?

-Семејството, секако. Моите најблиски. Доаѓаат, ме посетуваат ама не сме постојано заедно.

Се живее ли во Италија од лекарска плата?

-Јас во Италија во 2002 година дојдов со еден куфер. Сега имам пристоен  живот. Си купив стан во елитна зона, пред мене е премиерската палата, имам автомобил.. Пристојно е, но не барам  премногу од животот, доволно ми е тоа што го имам за нормална егзистенција.

Би се случило ли после неколку години да се вратите да инвестирате во Македонија, да направите клиника?

-Не знам, се е можно. Но, сметам дека да имам моја клиника по малце еегоистично. Јас поинаку гледам на нештата. Еве на Клиника може да се прават многу нешта, да се обучи персонал и да не биде толку старо и дотраено иако, морам да кажам доста функционално, се вршат интервенции од доста висок калибар.  Немам лично искуство, но пациенти ми кажувале за во приватните клиники и тоа не колку е професионален персоналот, туку каков е мебелот во болниџа. Тоа мене ми е многу чудно. Треба да е обратно.   Еве можам да кажам дека ова апаратура на Клиника во Скопкје ја има и во Рим и во Стазбур, бидејќи работам и таму. Тоа е технологија која е доста високо рангирана…

(В.М.)

Фото: Вангел Тануровски