Каде е Кастриот Реџепи, пратеник од Беса кој денеска го растури мнозинството на опозицијата па не можеше да и изгласа недоверба на актуелната Влада.
Дел од медиумите пренесуваа статуси на парламентарци и политичари дека Реџепи не бил достапен на своите телефони, односно му биле исклучени нему и на целото семејство.
Од извори од ВМРО-ДПМНЕ, ММС дознава и дека тој не бил ниту во еден од неговите два стана, односно биле заклучени и се претпоставува дека ја напуштил државата, дека како што тврдат тие, Реџепи е во Бугарија заедно со семејството.
Прв во претпоставките јавно прозборе пратеникот Антониот Милошоски кој на Фејсбук напиша:
– Заев има пари и фирми и имот во Бугарија. Кастриот Реџепи е логиран на ФБ во Бугарија! Дали е однесен, пренесен, превезен, натоварен, убеден, уценет или присилен, знаат само Заев, ДУИ и тој, напиша Милошоски и сподели транскрипт од Фејсбук дека Кастриот Реџепи утринскиот статус на Фејсбук го напишал од Бугарија.
А, пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи се јави на Фејсбук и порача дека не доаѓал во Собранието за да учествува во паѓањето на Владата затоа што од висок дипломатски претставник му било порачано дека во декември Северна Македонија има одлични шанси да добие датум за почеток на преговори со Европската унија.
„Една од главните причини за мојата и Движење Беса на која припаѓам е интеграцијата на евроатлантскиот на РСМ. Како одговорен политичар и пратеник, оваа одлука не ја донесов лесно ставајќи го интересот на народот и државата на прво место. На државата во овој важен период не ѝ треба политичка криза и нурнување во немирни води со многу непознати“, напиша меѓу другото утрово Реџепи на Фејсбук по кој статус и беше лоциран дека се наоѓа надвор од земјава.
Недоаѓањето на Реџепи од Беса утрово беше шок за сите бидејќи деновиве главен „осомничен“ кој би можел да го извиси мнозинството на опозицијата беше Скендер Реџепи од Алтернатива кој наводно не се согласувал со ставовите на лидерот на Левица, Димитар Апасиев.
Но, Реџепи од Алтернатива е во Собранието кое во моментов е на втора пауза по барање на Апасиев, а Реџепи од Беса се уште никој не знае каде е.
„Потрагата“ продолжува, велат извори од ВМРО-ДПМНЕ за ММС.
О.К.
фото: МИА