Изгоре мерцедес во Штип – ММС
ММС

Објавено на: 11/11/21 12:33 PM

Изгоре мерцедес во Штип

Ноќеска околу 1 часот по полноќ на улицата „Пиринска“ во Штип, гореше возило од марка мерцедес, сопственост на 20-годишна девојка. Во полицијата пријавил член на семејството на сопственичката. Од СВР Штип потврдуваат дека направен е увид, а пожарот го изгасила екипа на Територијалната противпожарна единица, која дошла со две возила.

До рано претпладнето се вршеше увид на лице место. Според полицијата, подигнати се остатоци од пожарот, по што ќе се знае што е причината.

Возилото, кое во моментот на опожарувањето било паркирано, е речиси целосно оштетено. Причинета е материјална штета.

Ова не е прв случај со опожарување на возило. Во периодот од 2019 година па досега, изгореа над дваесетина возила. Како што потврдуваат од СВР Штип, за две возила е комплетирана истрагата и поднесени се пријави во Обвинителството.

Поранешниот технички министер Наке Чулев при една од посетите во Штип изјави дека полицијата има сознание дека дел од возилата се намерно запалени, како пресметка меѓу криминални групи, кои се занимаваат со продажба на дрога.