Спиењето и здравјето: Раното одење во кревет влијае на здравјето на срцето – ММС
ММС

Објавено на: 11/11/21 12:26 PM

Спиењето и здравјето: Раното одење во кревет влијае на здравјето на срцето

Постои оптимално време за спиење – помеѓу 22 и 23 часот, а тоа е поврзано со здравјето на срцето, тврдат истражувачи кои анализирале 88.000 доброволци.  Тимот кој стои зад британскиот истражувачки проект Biobank верува дека синхронизацијата на сонот со биолошкиот часовник може да ја објасни поврзаноста со намалениот ризик од срцев и мозочен удар. Природниот 24-часовен ритам на телото е важен за будноста. Исто така, може да влијае и на крвниот притисок.

За истражувањето кое е објавено во научното списание European heart journal, истражувачите собирале податоци додека испитаниците спиеле и додека биле будни, користејќи уред налик рачен часовник кој тие го носеле на себе. Истражувачите следеле што се случувало со доброволците во врска со здравјето на срцето и циркулацијата во просек од шест години. Нешто повеќе од 3000 возрасни развиле кардиоваскулни болести. Болести на срцето добиле луѓето кои оделе на спиење подоцна или порано од идеалниот период од 22 до 23 часа. Истражувачите се обиделе да ги контролираат факторите за кои е познато дека влијаат на срцето, како што се староста, тежината, нивото на холестерол, но нагласуваат дека нивната студија не може да ги докаже причината и последицата.

Авторот на студијата, Дејвид Пленс вели дека резултатите сугерираат дека веројатноста дека раното или доцното заминување во кревет може да го поремети телесниот часовник.

„Најризичното време за одење на спиење е после полноќ, бидејќи може да ја намали веројатно дека ќе ја видите утринската светлина“, објаснува тој.

Според Реџина Гиблин, главна сестра на одделението за кардиологија во Британската фондација за срце, оваа голема студија сугерира дека одењето на спиење меѓу 22 и 23 часот би можело да биде убава работа за повеќето луѓе.

„Сепак, важно е да се запамети дека оваа студија не може да ја покаже причината“. Потребни се повеќе истражувања за времето и траењето на спиењето како фактор на ризик за срцеви заболувања“, додава таа.

„Важно е да имаме доволно сон за нашата општа благосостојба, како и за нашето срце и добрата циркулација, а повеќето возрасни би требало да спијат од седум до девет часа“, потенцира Гиблин.

„Важно е да го следите и нивото на холестерол, да ја одржувате телесната тежина и редовно да вежбате, да го намалите внесот на сол и алкохол, а урамнотежената исхрана исто така може да помогне во одржување на здравјето на срцето“, советува Гиблин.

 

Извор:  danas.rs