„Златен Гонг“ по рекорден 50-ти пат – Редок јубилеј на македонска спортска манифестација – ММС
ММС

Објавено на: 11/10/21 1:47 PM

„Златен Гонг“ по рекорден 50-ти пат – Редок јубилеј на македонска спортска манифестација

Од четврток до сабота ќе се одржи 50. издание на „Златен Гонг” во организација на Националната боксерска федерација, а со помош на Агенцијата за млади и спорт и Градот Скопје.

И покрај пандемијата предизвикана од ковид-19, на јубилејното издание годинава ќе учествуваат над 60 боксери од 13 земји, Англија, Ирска, Велс, Молдавија, Украина, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Косово, Албанија, Кина (Хонг Конг) и Бугариа.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски истакна дека оваа традиционална манифестација е од голема важност за македонскиот спорт.

– Знаеме што значи оваа манифестација за нашиот спорт, АМС го помага боксот, годинава имаме 50. јубилејно издание на „Златен Гонг”, тоа е нова можност за промоција на овој спорт, настапот на 13 земји ветува квалитетни борби, чест ми е што сум во друштво со вакви спортисти како Примислав Димовски, претседател на НБФ – изјави Мојсовски.

Руждија Калач, кој ќе ја води македонската репрезентација составена од седум боксери најави дека боксот има убава перспектива.

„Потребна е многу работа, но ние имаме добри и перспективни боксери, не е формално, морам да истакнам дека АМС го помага боксот, благодарни сме за тоа, тие се симбол на спортот во државата, очекува квалитетни борби” – рече Калач.

Последниот победник на „Златен Гонг” во 2019 година од македонската репрезентација, Јасин Љама изјави дека по настапот на светското првенство во Белград се чувствува подготвен за овој предизвик.

„Ќе направиме се сите од нашата репрезентација и оваа година „Златниот Гонг” да остане во Македонија, јас сум лично подготвен, а и сите мои колеги во тимот од репрезентацијата, очекувам силна кконкуренција и квалитетни борби” – изјави Љама.

Македонија ќе ја претставуваат Ардијан Џемаили (54кг), Оран Јашаровски (57кг), Јасин Љама (60кг), Дион Лена (63,5кг), Ферид Хоџа (71кг), Лео Јовановски (75кг) и Арсим и Етеми (80кг).

Според програмата, четвртфиналето е во четврток, СЦ „Борис Трајковски” мала сала од 16 часот, полуфинале во петок со две сесии, од 13 и 18 часот, финалето е во сабота од 20 часот со пренос на МТВ и АРЕНАСПОРТ.