Во Козле хоспитализирани 23 деца со ковид, меѓу нив и двомесечно бебе – ММС
ММС

Објавено на: 11/10/21 1:07 PM

Во Козле хоспитализирани 23 деца со ковид, меѓу нив и двомесечно бебе

Вкупно 1068 активни случаи со ковид се регистрирани кај малолетната популација под 18 години во државава – информираше денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Тој соопшти дека во Институтот за белодробни заболувања во Козле се лекуваат 23 деца со коронавирус, од кои две се на кислородна поддршка. Сепак, според него нема дете во критична состојба.

„Има двемесечно бебе кое е таму хоспитализирано, а во однос на бројот на прегледи нема значајно отстапување, сосем лесно големување на бројката на деца кои се јавуваат на преглед“, изјави Филипче на денешната прес конференција.

Во однос на скринингот на учениците, тој рече дека овој процес е завршен во најголем број од училиштата и досега се тестирани 5000 деца, од кои позитивни биле 15.

„Сега е исклучтиелно важно во периодот кој следи, протоколите кои важат за во училиштата, да се почитуваат и да се заштити целокупниот образовен процес“, додаде Филипче.

Тој информираше дека вкупно во државата се хоспитализирани 518 пациенти и дека во болниците нема голем притисок, односно нема голем број хоспитализирани во однос на вкупниот број новодијагностицирани.

„Ако се споредат претходните бранови, притисокот е намален, и ако тогаш бројот на хоспитализирани беше 10 отсто, сега е негде околу 6,4 проценти од активните случаи. Лицата кои се заболени, а вакцинирани немаат потреба од хоспитализација“, рече тој посочувајќи дека до крајот на оваа недела или најкасно на почетокот на следната ќе завршии постапката на секвенционирање за да се види која мутација или варијација на вирусот е сега доминантна.

 

(В.Ми)