Воведена нова процедура за третман на заболување на хранопровод: Клиниката за гастро станува регионален центар – ММС
ММС

Објавено на: 11/8/21 12:34 PM

Воведена нова процедура за третман на заболување на хранопровод: Клиниката за гастро станува регионален центар

Низа придобивки за пациентите, но и заштеди за јавното здравство ќе овозможи новата метода која од денеска е достапна на Клиниката за гастроентерохепатологија. Се работи за интервенција која досега кај пациентите кои страдаат од Баретов езофагус се изведувала во странство.

Баретовиот езофагус е заболување кое се карактеризира со измена на нормалната лигавица во долната третина на хранопроводот и доколку соодветно не се третира може во одреден процент да доведе до карцином  на хранопровод. Со новата метода, Радиофреквентна аблација, која е ендоскопска техника, променетото ткиво се изложува на топлинска енергија со што се уништува променетото ткиво – објаснија денеска од Клиниката на прес конференција.

Директорката на Клиниката, проф. д-р Калина Гривчева Старделова очекува да станат и регионален центар за овој тип интервенции.

„Имам чест да се пофалам дека од денеска почнавме да работиме една нова метода која е метода што не се работи во блискиот регион, со потенцијал да станеме регионален центар. Тоа е радиофреквентна аблација кај луѓе со оштета на храновродот. Успеавме, ја направивме кај првиот пациент. Имаме селектирано уште два пациенти така што може да се каже дека од денеска оваа Клиника официјално почнува да ја работи оваа метода“,  изјави Гривчева Старделова.

Првата интервенција ја направија двајца лекари од Клиниката во Скопје во соработка со д-р Иво Бошкоски, Македонец кој работи на Католичкиот универзитет, во чии рамки функционира поликлиниката „Агостино Џемели” во Рим. Тој објасни дека интервенцијата се изведува под анестезија и трае десетина минути.

„Станува збор за преканцерогена болест која доколку не е третирана соодветно настанува канцер. Нема голема инциденца, но јас сум навистина пресреќен што денеска во Македонија почна со ваков тип на интервенции. Самата патологија е доста деликатна, алтернатива е хирургија. Радиофреквентната аболација на хранопроводот е десет минутна интервенција т.е промена на слузницата на хранопроводот. Значи тоа е ретка патологија која е доста деликатна. Околу 10 мин трае оваа интервенција, јас само опсервација правев, сѐ беше совршено. Технологијата е најмодерна, истиот апарат го имаме во Рим“, истакна д-р Бошковски.

„При изведување на оваа процедура се користи електрода монтирана на ендоскоп за да се испорача топлинска енергија директно до променетото ткиво на хранопроводот. Гастроентерологот бира соодветна електрода за процедурата, што зависи од должината и количината на Баретовиот хранопровод. Овој процес резултира со аблација на ткивото. Во период од шест до осум недели, ткиво кое е третирано се заменува со нормална слузница”, потенцираше тој.

Досега двајца пациенти со ова заболување биле испратени за оваа интервенција во странство, но отсега ќе може директно да се упатуваат на нашара Клиника за гастроентерохепатологија.

„Имавме двајца пациенти кои беа упатени на лекување во странство. Едниот пациент го чинеше Фондот 15 илјади евра, тоа беше една сеанса. За вториот пациент требаше да се повтори и тоа чинеше 30 илјади евра. Веќе апаратот ни е исплатен со тоа што не сме ги испратиле пациенттие, а и ним сме им заштедиле пари“, потенцираше д-р Гривчева Старделова.

Со цел унапредување на третманот на оваа состојба на Клиниката за гастроентерохепатологија се воведува и уште една метода за мерење на pH во хранопроводот и неговото движење со што може да се обезбедат точни информации за присуство на рефлуксната болест. Континуираната 24-часовна pH-метрија е стандарден метод во гастроентерологијата кој овозможува директно и квантитативно мониторирање на киселинскиот рефлукс и дава показатели за одредување на соодветниот начин на третман.

 

(В. Ми)