-900.000 тони јаглен кои се предмет на набавка за потребите на производството со електрична енергија не се наменети за производство на струја за домаќинствата, туку за компаниите и државните институции. Оваа количина е набавка за дополнително производство кое се ќе прави во третиот блок на РЕК Битола и не е поврзано со зголемувањето на цената на електричната енергија, ниту со немањето енергенси за задоволување на потребите со струја на дневно ниво, тврдат од државниот ЕСМ.
Поради големиот интерес на јавноста за набавката на јаглен за дополнително производство на електрична енергија за потребите на фирмите и државните институции, АД ЕСМ испрати и податоци за текот на постапката.
„АД ЕСМ ги спроведува процедурите од јавната набавка на јаглен за РЕК Битола. Сите пристигнати понуди се испратени на техничка евалуација која опфаќа проверка на доставената техничка документација, проверка на сертификатите за квалитет и лабораториска анализа на доставените пробни количини јаглен. По завршување на оваа фаза, следува економско-финансиска евалуација на понудите, по што ќе биде донесена одлука за избор на економски оператор/и. Се очекува одлуката да биде реализирана до крајот на следната недела. Уште еднаш потенцираме дека понудите ги задоволуваат бараните количини од 900 илјади тони јаглен за третиот блок на РЕК Битола, со континуирана месечна и дневна испорака која е обврска на економскиот оператор, а со динамика одредена од страна на АД ЕСМ“, објави ЕСМ.
Поради различното толкување во дел од медиумите, оттаму повторуваат дека редовното производството на електрична енергија за снабдување на домаќинствата се врши со сопствен ископ на јаглен од рудниците на РЕК Битола и со производство од другите производни капацитети: РЕК Осломеј, гасната електрана Енергетика, хидроелектраните Црн Дрим, Маврово, Треска и Тиквеш и од ветерниот парк Богданци.
„Јагленот од 900 илјади тони кој е предмет на оваа набавка е наменет само за дополнително производство, за потребите на фирмите и државните институции, со цел за нив да се обезбеди електрична енергија по цена пониска од моменталните цени на берзите, од каде овие субјекти се снабдуваат. Набавката на јаглен за дополнително производство се спроведува преку отворена и транспарентна постапка, и за информирање на граѓаните благовремено ќе известуваме за текот на истата“, додадоа од ЕСМ.
Иако од ЕСМ доаѓаат смирувачки тонови за капацитетите за производство на струја и за нејзината цена, министерот за економија Крешник Бектеши призна дека идната недела ќе побара од Владата да биде прогласена енергетска кризна состојба.
-Кризната состојба во енергетскиот сектор ќе биде прогласена за да можеме како Влада директно да вбризгаме средства од буџетот за ЕСМ и МЕПСО за да се зголеми нивната ликвидност. За таа цел ја ги направивме и измените во Уредбата за прогласување на кризна состојба за да може да се префрлат средства за енергетските компании. Од Министерството за финансии се обезбедени околу 100 милиони евра за да може директно да се интервенира во овие две компании за да може МЕПСО да ги покрие долговите кои ги има, а ЕСМ да обезбеди јаглен за производство на електрична енергија, кажа министерот Бектеши.
Тој потенцираше дека во моментов се работи на ставање во функција на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија за да нема ценовни шокови, односно да нема покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.
-Од домашно производство производната цена на електричната енергија изнесува од 56 до 70 евра за мегават час, додека цената на струјата на берзите е 200 евра за мегават час. Со мерките кои ги носиме се грижиме за граѓаните и домаќинствата и за малите потрошувачи да нема зголемување на цената на струјата, кажа Бектеши.
Министерот потсети дека веќе се донесени мерки за да се избегнат ценовни шокови како што е намалување на ДДВ на електрична енергија, како и програмата за енергетска сиромаштија.
-Во моментов се подготвува нова Програма за ранливите категории на граѓани кои добиваат ваучери од 1000 денари за енергетска сиромаштија, а со оваа програма им се помага на 35 илјади домаќинства во нашата држава, за нивно зголемување, како и директно да влијаеме на оваа група на граѓани, истакна министерот Бектеши.
О.К.
фото: Влада.мк