„Благодарност особено до битолската публика. Ако не бевте вие, јас немаше да бидам она што сум. Затоа ви благодарам и ви се поклонувам“, рече актерот Петар Мирчевски откако во Офицерскиот дом во Битола му беше врачено највисокото општинско признание, наградата „4 Ноември“ за животно дело на Општина Битола.
Добивањето на оваа награда за доајенот на битолскиот театар е валоризација на неговиот 42-годишен актерски труд во театарот, филмот и телевизијата. Тој се заблагодари на матичниот театар, Народениот театар Битола, на градот, на битолчани и најмногу на битолската публика која секогаш го препознава она што се работи.
„Чест ми е што го добивам ова високо признание, оваа за мене голема награда, наградата „4 Ноември“ за животно дело. Горд сум што можев на мојот мајчин, македонски јазик да го промовирам мојот матичен театар, Народниот театар од Битола, мојот град Битола и мојата земја Македонија низ многу земји во светот“, рече во своето обраќање пред присутните.
Кога веќе се зборува за актерството, Мирчевски не мирува. Откри дека веднаш почнува со претставата „Патувачкиот театар Шопаловиќ“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, но ќе биде и дел од серија која како што ни рече „не смеам да ја кажам“, а во најава се и други филмски проекти.
Ковид пандемијата го погоди театарот, особено минатата година, но Мирчевски вели дека сетоа ова ќе се надмине.
„Сигурно дека не бевме имуни на сето она што се случуваше околу нас, се трудевме, работевме некои камерни претстави, некои поголеми, сето она што требаше да го запазиме го запазувавме, некаде бевме осквернати во однос на тоа, но мислам дека битолскиот театар ангажирано работеше. Се трудиме во иднина да работиме некои поамбациозни, поансамбл претстави и мислам дека сето ова ќе го надминеме,“ рече Мирчевски.
Човек вреди онолку колку што зад себе ќе остави траги, траги кои говорат за неговиот придонес во она што го работи, што дејствува, траги кои оставаат печат на едно време во кое таа личност постоела. Таков печат остава и првенецот на Народниот Театар Битола, актерот Петар Мирчевски, стои во одлуката на Општина Битола за доделување на наградата.
Од низата реализирани улоги на својата матична сцена и на сцените на другите театри, повеќето од нив се водечки, стожерни, главни и има над 160 одиграни премиери.
Исто така тој се промовира и со своите актерски дострели на полето на филмот. Голем дел од тие филмски проекти учествувале на врвни светски филмски фестивали. Играл скоро во сите филмови на Милчо Манчевски, соработувал со Костурица, Шербеџија, играл заедно со Моника Белучи…
Петар Мирчевски денес е еден од најангажираните и најактивни театарски и филмски актери кои несебично соработуваат со младите генерации и прават театарската и филмската уметност да бидат на високо ниво во нашата земја и да бидат ценети и валоризирани надвор од неа.
(М.Б.)