Папата Франциск ја назначи првата жена на чело на Гувернаторатот на Ватикан, сестрата Франциска Рафаела Петрини, продолжувајќи ги напорите за постигнување поголема родова еднаквост во Црквата.
Како генерална секретарка на Гувернаторатот, италијанската калуѓерка (52) ќе биде задолжена за надгледување на административните операции, особено на музеите на Ватикан, поштата и полицијата. Така таа ќе стане највисоко рангирана жена во најмалата земја во светот.
Според онлајн списанието Католик Нешнл Репортер (Catholic National Reporter), оваа функција традиционално ја извршувал бискуп.
Папата Франциск (84) во неколку наврати изјави дека жените имаат поважна улога во Католичката црква.
Во јануари тој го смени законот за да им дозволи да читаат на литургии, да служат на олтарот и да се причестуваат, но не спомена дека овие измени еден ден би можеле да им дозволат на жените да бидат свештенички.
Во февруари, тој назначи жена за потсекретар на бискупскиот синод, што беше првата жена со право на глас во тело кое ги проучува важните прашања од доктрината, потсетува Хина.
Во 2016 година, папата формираше комисија со задача да ја проучува историјата на жените ѓакони за време на раните години на Католичката црква во процес што евентуално би можел да го отвори патот за жените до таа позиција денес, се надеваат реформаторите.
Но, заклучоците на таа комисија не ги исполнија очекувањата и папата го продолжи проучувањето на ова прашање за уште една година.
МИА