МЗ: На Инфективната клиника почина 16-годишна пациентка, девојчето имало тешка пневмонија – ММС
ММС

Објавено на: 11/3/21 2:49 PM

МЗ: На Инфективната клиника почина 16-годишна пациентка, девојчето имало тешка пневмонија

Министерството за здравство соопшти дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 16 – годишна пациентка од тетовското село Сиричино.
Пациентката со многу тешка клиничка слика со возило на Итната медицинска помош е донесена на Инфективна клиника, од Клиничката болница во Тетово каде била сместена од 21 октомври до 23 октомври. Претходно била лекувана во домашни услови заради тегоби кои датирале девет дена од иницијалниот прием во тетовската болница.
„Според медицинскиот извештај од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, станува збор за исклучително тежок случај, кислородно зависна со тешка ковид пневмонија. Во текот на хоспиталниот престој од анализите е потврдена и белодробна тромбемболија. За време на лекувањето доаѓа до брзо прогресивно влошување на респираторната функција. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот ден дојде до драматично влошување на виталните параметри што доведе до срцево белодробно попуштање. Младата пациентка не била вакцинирана“„ стои во соопштението од Министерството за здравство.