На гладните им даваме храна со љубов, сакаме среќни и насмеани лица- Големите срца на Васил и Благородна Неделкови кои на сиромашните им делат бесплатни оброци – ММС
ММС

Објавено на: 11/3/21 11:34 AM

На гладните им даваме храна со љубов, сакаме среќни и насмеани лица- Големите срца на Васил и Благородна Неделкови кои на сиромашните им делат бесплатни оброци

Има многу гладни во градов. Невработени, бездомни, немоќни, болни, социјални случаи, лица со посебни потреби…Тие често не можат да си дозволат ниту еден оброк дневно. Немаштијата во која се наоѓаат ја поттикна хуманоста во Васил и Благородна Неделковски и тие решија да им помогнат на овие категории граѓани. Со она со што можат. Со еден бесплатен оброк-сендвич или тост. Тоа го прават уште од почетокот на 2020, во време на ковид пандемијата, и денеска, а велат дека ќе го прават се додека чувствуваат хуманост во себе. Бесплатните бургер-сендвичи ги делат во период од 9 до 14 часот во нивната сендвичара „Урбан Бургер Бар“, а досега повеќе пати поделиле сендвичи на бездомни семејства во прифатниот центар во Визбегово, во дневниот центар за лица со пореченост во развојот, „Пролет“, потоа на сиромашни лица во саботите пред спомен куќата „Мајка Тереза“, во кругот на црквата „Свети Петар и Павле“…, но и на муслимански, социјални семејства за празникот Рамазан, заедничка иницијатива и акција со здружението „Горанци“. Досега имаат поделено над 7.000 оброци, кои ги подготвуваат и дистрибуираат истиот ден кога ги делат.


„Кој и да влезе во сендвичарата и да рече-немам што да јадам, му даваме бесплатен сендвич, не прашуваме дали навистина нема пари. Досега не сме одбиле ниту едно лице кое дошло гладно и побарало да јаде. Тоа не го правиме за реклама или публицитет или дека ни се „претураат“ пари, не сме направиле ни пресметка колку досега сме потрошиле. Го правиме ова со љубов, искрено, од срце. Сакаме да видиме насмеани лица. Убаво е чувството кога со малку, со само еден оброк, ќе израдуваш некого и ќе покажеш дека, сепак, има човечност во луѓето. Затоа што никој од нас не знае каде животот ќе го однесе“, вели Благородна со насолзени очи.

Васил додава дека, се што треба околу оброците, организираат сами, од договарање, подготовка, превоз…се со сопствени средства, а во претходна комуникација со одговорни лица од Црвен Крст со кои се договара, кои денови и колку сендвичи треба да поделат во прифатните центри. Тој вели дека често им носеле храна дома на лица кои не можат да се движат или немаат пари за превоз за да дојдат сами во сендвичарата, како и дека постојано им се јавуваат граѓани или им пишуваат на фејсбук за да прашаат дали важи нивната понуда за бесплатен сендвич и дали може да дојдат.
„Бездомните и социјалните случаи за да добијат оброк, треба да ни покажат дека се на списокот на центрите за социјална работа или на Црвен Крст, за евентуално да нема злоупотреби.
Но, има секакви луѓе. Сме се соочиле со секакви примери. Имавме случаи на злоупотреби на нашата хуманост. Луѓе се јавуваат и лажат дека немаат пари за јадење и бараат до дома да им се однесе храна или облека или „глумат“ дека се самохрани родители“, вели Васил.

Додава дека, откако тоа ќе се повтори повеќе пати, или кога ќе се бараат од нив и други работи освен храна, како пијалоци, торти и слично, им станува сомнително. Провериле неколку такви лица и се испоставило, или дека се вработени во државна институција или пак, заработуваат од нудење на сексуални услуги ?! На многумина Васил им понудил и работа во сендвичарата, за да не зависи од помошта на други или од социјална помош на државата, но многумина одбиле. Некои му рекле- не сум јас за работа, а некои, пак, откако ќе договорат да почнат со работа, не се појавуваат утредента.
„Досега не сме имале помош од државата во нашите акции за делење бесплатни оброци, освен од неколку фирми. А, имавме едно интересно искуство со еден човек. Дојде во сендвичарата и ни рече, јас сакам да купам 20 бургер-сендвичи. -Добро- му рековме и му направивме. Ни ги плати и рече, сега поделете ги на гладните“, ни го раскажа Васил чудниот пример, додавајќи дека целата нивна акција почна самоиницијативно и така ќе тера.

„Нема да застанеме. Ќе продолжиме, без разлика дали некоја институцуија ќе ни помогне финансиски или нема. Додека можеме“, рече тој.

Маја Томиќ