Министерството за надворешни работи е загрижено од постапките на дел од советниците избрани на последните локални избори, посебно во општините Штип и Аеродром и случувањата на конститутивните седници.
„Со Законот за ратификација на Конечната спогодба, Одлуката за прогласување на амандманите ХХХIII, XXXIV, XXXV и ХХХVI на Уставот на Република Македонија и Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија од јануари 2019 година, уставното име на државата е Република Северна Македонија и дека сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот“, велат од МНР.
Секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа,вклучително и во свечената изјава,од денот на влегување во сила на горенаведените акти се користи уставното име Република Северна Македонија.
„Министерството за надворешни работи, следејќи ги ваквите појави по завршувањето на локалните избори и при конституирањето на определени совети во општините, повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија“, соопштија од МНР и истовремено упатија апел до надлежните институции да реагираат според законот.
О.К.