Сите коалициски партнери се против оставката на Заев, вели Груби – ММС
ММС

Објавено на: 11/1/21 7:28 PM

Сите коалициски партнери се против оставката на Заев, вели Груби

Недвосмислено дадовме поддршка на политиките на Владата, на премиерот Зоран Заев и на цела владина коалиција за продолжување со европската и реформската агенда и немаше ниту сомнеж во парламентарното мнозинство од ниту еден учесник на состанокот, изјави генералниот секретар на ДУИ, Артан Груби по координативниот состанок на премиерот Заев со претставниците на коалициските партнери.

– Исто така би сакал да ве информирам дека сите партнери што учествуваат во Владата беа апсолутно против оставката на премиерот Заев, затоа што сметаме дека таа беше избрзана и дека тој треба да продолжи со предводењето на Владата и спроведувањето на политиките, затоа што тоа го очекуваат граѓаните, додаде Груби, кој е прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците.

Тој нагласи дека на средбата било оценето оти на државата и треба стабилност, предвидливост и партнерство со евроатлантската заедница и дека оставката на премиерот Заев е непотребна.

– Ова беа локални избори, не се парламентарни избори. Ние го добивме мандатот на 15 јули 2020  година за да ја предводиме оваа земја по евроатланскиот курс. Ние сметаме дека само оваа Влада може да го реши спорот со соседна Софија и да ги отвори пристапните преговори со ЕУ, рече Груби.

Според него, само ова Влада ќе може да ги негува меѓуетничките односи и да ги гарантира Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство  со Бугарија.

– Не смееме да си дозволиме авантури и како граѓани и како држава во овие кревки моменти,  не само за нашата држава, туку за целиот регион, рече Груби, додавајќи дека во сегашнава состојба на граѓаните најмногу им е потребна стабилност.

МИА