Дрвокрадците ја масакрираа Шар Планина до непрепознатливост – ММС
ММС

Објавено на: 08/22/18 12:08 PM

Дрвокрадците ја масакрираа Шар Планина до непрепознатливост

ММС, 22.08.2018

Планинските предели на Шар Планина кои беа магнет за планинарите и рекреативците од година на година се соголуваат и пустошат од дрвокрадците, а од планинарските друштва кои, според својата програма, еднаш годишно ги повторуваат планинарските тури, велат дека веќе не можат да ги препознаат месноста Плоча, пределот кој води кон Брезно и атарите над селата Порој и Џепчиште

 Пишува: Зоран Димовски

На местата на некогашната разновидна и густа шума на Шар Планина сега има само голи ридови. Ваквото насилство врз Шара придонесува оваа убавица да го губи туристичкиот потенцијал и приматот како една од најубавите планини на Балканот. Планинарите велат дека се залудни нивните обиди да ја развиваат оваа туристичка гранка, ако државата ги остава планините на милост и немилост.

Претседателот на планинарскиот клуб „Љуботен“, Јован Божиновски, вели дека дивата сеча на шума не може да се искорени. И во минатото имало дрвокрадство, но за разлика од тогаш, сега се сечело безмилосно, а на терените крадците не оставаат ниту едно дрвце

-За разлика од порано, сега имаме гола сеча, масакр. Се случува нешто што е многу непријатно за очи, и кога ќе се види тоа, навистина е застрашувачки. А велиме дека сакаме да развиваме туризам. Сега не можеме да развиваме таму туризам, голотија имаме таму. Не можам јас таму да носам туристи и тоа да го видат. Можам да кажам еден пример со една планинарска патека над Варвара што ја маркиравме пред едно седум години заедно со жителите од месната заедница од Варвара. Ја измаркиравме патеката, иделна патека. Јас немав оттука одамна поминато. Во сред лето во таа шума беше пријатно за движење, а после две години кога се качивме беше невиден масакр, голотија, страшни глетки. Тоа е недозволиво, тоа не треба да се случува – истакнува Јован Божиновски.

Сега има гола сеча, масакр – велат планинарите

Дивата сеча причина за ерозивните процеси, кои пред две години одзедоа пет човечки животи

По големите поплави и ерозивни процеси на Шар Планина кои се случија пред две години и одзедоа пет човечки животи, странски експерти по неколкунеделните анализи на Шара, утврдија дека свлечиштата на земја кои поклопија повеќе куќи се предизвикани од нестабилниот планински терен кој некогаш, како што рекоа, бил стабилен поради густата шума и големите корени на дрвјата што сега ги нема. Упатија апел властите да се позанимаваат со оваа појава и да ја зачуваат планината, во спротивно можат да се случат и поголеми катастрофи. Но ваквите апели не допреа до властите. Бројни еколошки и планинарски друштва реагираат дека шумата се уништува дури и на најинтимните нејзини делови.

Пред две години од поплавите и ерозијата загинаа пет луѓе

– Дивата сеча на шума си има реперкусии. Се случуваат ерозии. Исто и на Лешница се случи минатата година, се отворија патишта за бачила и мали хидриоцентрали, но не може таму да се отвораат патишта на место кое е најидеално и најинтимно на Шар Планина, и тие патишта сега ги користат ловокрадци, дрвокрадци и тука поминува водата од која ние треба да пиеме – посочуваат планинарите и екологистите.

– Нелагалната сеча на шума нанесува голема штета и на еколошки план. Големите дрвја се природно живеалиште на многу животни и ендемски растенија, а дрвокрадците ги крадат најквалитетните дрвја, кои се плодоносни и служат за обновување на шумата и за одржување на изворите со вода. Со непланската сеча, животните заминуваат или изумираат, а изворите полека пресушуваат. Со уништување на шумата практично се менува и целата микроклима – предупредуваат екологистите.

 Изгубената шума тешко да се надомести во наредните 60 години

За еден од последните масакри на Шар Планина на својот Фејсбук-профил сведочи планинарот Бошко Видоески. Тој вели дека секоја година во повеќе предели дивата сеча напредува, но надлежните, и покрај повеќето алармирања, не преземаат ништо. Додава дека била нанесена огромна материјална штета, а тоа го покажува и  Google Earth ако се споредат снимките направени во неколку шарпланински предели од 2002 и 2017.

И сателистските снимки го покажуваат размерот на дивата сеча

– Инаку, направив и споредба на сателитски снимки преку кои од воздушна перспектива може да се забележи размерот на дивата сеча низ која поминувавме. Ги споредив и снимките од дивите сечи во атарите на селата Сетоле и Брезно и од месноста ТриВоди. Цела индустрија! Се забележува дека за околу 16 години, од кои последните девет забрзано, нанесена е штета која не може да се надомести ни за наредните 60 години. Како и да е, ниедна фотографија или видео не можат да ја доловат катастрофата таму. Чувството на сите планинари кога поминуваме низ вакви подрачја, ни’ е исто како да сме среде подрачје погодено од природна катаклизма или среде град разурнат од војна – пишува Бошко Видоески на својот Фејсбук-профил.

Од Шумската полиција, пак, велат дека е намалена дивата сеча

 Тетовскиот регион е опкружен со планините Сува Гора, Жеден и Шар Планина. За сите овие планински области треба да се грижат 17 шумски полицајци, кои со години немаат услови професионално да ја извршуваат работата. Често пати теренските возила со кои располагаат низ годините се во дефект. Сега, оттаму велат дека состојбата со дрвокрадството не е толку алармантна, затоа што условите за работа им се подобруваат. Велат и оти некогаш планинарите и не знаат што е легална а што нелегална сеча, па некогаш сетаат дека дрвокрадство е и кога се сече со дозвола. Сепак, додаваат оттаму, масакрот на шумата и понатаму не престанува. Посебно над селата Варвара, Брезно и Три Води. И покрај нивните акции, дрвокрадците не се откажувале.

-За разлика од порано, возилата сега ни’ се исправни. Имаме гориво, но стручноста недостасува. Мора да имаме професионални кадри, кои добро ја знаат работата ако сакаме ефискасност. Во последно време добро е што Министерството за внатрешни работи се вклучува во акции против бесправната сеча. Треба да се организираат повеќе селски сечи, затоа што секое семејство од високите планински села се грее со огревно дрво, кое не е во можност да го транспортира од градските плацеви и најчесто се снабдува со дрва од блиската шума, па ако нема легална. се одлучува да врши нелегална сеча – додаваат од Шумската полиција.

 За украдени ќебачиња в затвор, за пустошење шума само прекршочна пријава

Од Шумската полиција наведуваат дека голем проблем е неефикасното судство, каде судските процеси за дрвокрадците траат долго, а тие во меѓувреме повторно ја пустошат шумата.

– Судовите ретко ги земаат предвид кривичните пријави кои ги поднесуваме против дрвокрадците. Најчесто процесите се влечат или, пак, тие што ја пустошат шумата се соочуваат со прекршочни пријави. На крај, лицето ја плаќа казната и потоа пак продолжува со пустошење на шумата, затоа што висината на казната е далеку помала од тоа што може да го заработи на црниот пазар со продажба на дрва – истакнуваат од Шумската полиција.

Трактор со нелегално сечени дрва

Кражбата на дрва е дело направено со умисла и законот предвидува затворски казни, но засега дрвокрадците одговараат прекршочно. Барем така е во последниве неколку години.

Од почетокот на годинава досега, одземени се само 13 возила и пет трактори со дрва, како и пет моторни пили. Ако се земе предвид состојбата на планинските предели кои се соголуваат секојдневно, може да се констатира дека моторни пили  и возила со приколки со дрва има во многу поголем број на Шарпалнинскиот масив, кои пустошат без да бидат санкционирани.

Најповиканите, пак, не сакаат да зборуваат на оваа тематика. Иако ни’ беше ветено, одговор за дивата сеча на шума, и како да се спречи таа појава, не добивме од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.