До МВР денеска пристигнале 114 пријави, информираше Спасовски – ММС
ММС

Објавено на: 10/31/21 8:43 PM

До МВР денеска пристигнале 114 пријави, информираше Спасовски

„До МВР вкупно се пристигнати 114 пријавени настани, најмногу во Штип, Куманово, Битола и Скопје. Денот мина во мирна и фер и безбедна атмосфера. Искрени честити за граѓаните кои покажаа дека знаат што е демократија“, изјави на прес-конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој рече дека во текот на целиот изборен ден граѓаните покажаа на дело што значи партнерскиот однос на МВР со граѓаните.

Најголемиот број пријавени настани биле на подрачје на СВР Штип – 50, 32 настани на СВР Куманово, 12 на СВР Битола, шест на СВР Скопје, пет на СВР Струмица, пет на СВР Тетово, три на СВР Охрид и еден настан на подрачје на СВР Велес. Најголемиот број на настани се однесуваат на: агитирање на гласачи – 83 настани, од кои 14 се отфрлени како неосновани, а по другите пријави се постапува.

„Би сакал да ги споменам двете пријавени кривични дела, и тоа уништување на изборен материјал на подрачјето на ОВР Кичево, за што против лицето кое е приведено ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „уништување изборен материјал” и повреда на тајноста на гласањето на подрачјето на ОВР Кочани, за што ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „повреда на тајноста на гласањето”, додаде министерот Спасовски.

Тој рече дека МВР одговори на сите пристигнати пријави и дека не се регистрирани никакви посериозни инциденти и поголеми нарушувања на изборниот процес. До 19 часот нотирани се 31,7 отсто помалку пријави во споредба со изборите во јули 2020 и се бележи најголемо намалување на изборните поткупи.