Излезноста во вториот круг на локалните избори до девет часот е 5,25 отсто, а гласале 56.700 граѓани.
Најголема излезност, над 10 отсто, има во Ранковце, Конче, Пехчево, Лозово, Зелениково, Кратово, Пробиштип и Демир Хисар. Во другите општини излезноста е под девет отсто.
Претседателот на Дик, Даштевски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека технички проблеми имало на едно избирачко место во Кисела Вода, едно во Карпош, на две места во Сарај и едно во Центар. Низ државата технички проблеми имало во Злетово на три места, Македонски Брод, во Лабуништа во Струга и во Чешиново – Облешево. Појасни дека главната причина било тоа што не работеле мемориските картички, се смениле со други, на неколку места имало различни податоци, но биле средени софтверски од ИКТ инженерите.
Се гласа во вкупно 44 општини и во Град Скопје, како посебна едница на локална самоуправа. Право на глас имаат 1.353.990 избирачи на 2481 избирачко место. Повторување на гласањето за градоначалник и за совет има на едно избирачко место (0543) во Дебар, а се прегласува и на избирачко место 2957/1 во Шуто Оризари за членови на Совет. Управниот суд го поништи гласањето на овие две избирачки места за гласањето од првиот круг на изборите на 17 октомври.