Почна изборниот молк – ММС
ММС

Објавено на: 10/30/21 9:11 AM

Почна изборниот молк

Заврши изборната кампања во која партиите и коалициите ја претставуваа својата понуда пред граѓаните и на полноќ почна молкот пред неделниот втор круг од Локалните избори.

Правилата за изборен молк важат од 30 октомври, заклучно со 19:00 часот на 31 октомври. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги соопшти дека за време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања.

Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

Вториот круг од Локалните избори 2021 ќе се одржи в недела. Денеска, ден пред утрешните избори ќе гласаат лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на КОВИД-19 и оние на кои им е одредена мерка самоизолација и немоќните или болни лица. Тие ќе гласаат во своите домови, а гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК.

Еден ден пред одржување на изборите гласаат лицата кои се на издржување казна затвор или се во притвор, кои гласаат во казнено-поправните домови. Лицата кои се на издржување мерка куќен притвор ќе гласаат во местото каде ја издржуваат мерката, внатрешно раселените лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде се сместени. Еден ден пред денот определен за одржување на изборите гласаат и лицата кои се згрижени во посебни установи за вонсемејна грижа. Тие ќе гласаат во установата каде се згрижени.

В недела, на денот на изборите, гласањето ќе почне во 7:00 часот, а ќе трае до 19:00 часот.

Ова се седми локални избори и се избираат градоначалници и советници во 80 општини и Град Скопје.

Во првиот круг беа избрани 32 градоначалници, како и членовите во општинските совети.

Во вториот круг ќе се гласа во вкупно 44 општини.

МИА