Без присуство на медиуми, во поинтимна атмосфера, денеска во Општина Штип доскорешниот градоначалник Сашко Николов му ја предал функцијата градоначалник на неговиот наследник Иван Јорданов.
За примопредавањето информираше Николов на својот фејсбук профил и напиша дека „денеска со кафе и цеден сок“ ја примопредал функцијата градоначалник.
– Општина Штип ја оставам во одлична финансиски ликвидна состојба. На сметката на Општина Штип има 47 милиони денари, на сметка на ЈП „Стипион“ има 4,1 милион денари и дополнителни 500 илјади денари од паркинг наплата, а на сметката на ЈП „Исар“ има девет милиони денари, напиша Николов во објавата во која потенцира и дека остава 22 проекти со обезбедени финансии, завршена јавна набавка и потпишани договори со изведувачи, кои само треба да бидат започнати.
На новиот градоначалник му посака успешна и пожртвувана работа, а во Општина Штип сите граѓани да бидат еднакви.
Јорданов вчера и официјално седна во градоначалничката фотелја, а неговото доаѓање во општинската зграда беше проследено со пречек и гормогласен аплауз од неговите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ.
Пред самиот влез на зградата, Јорданов на граѓаните им се заблагодари за поддршката и вети дека вратите на општината ќе бидат широко отворени за сите жители.