Не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик од страна на радиодифузерите во тек на известувањето во првиот круг од кампањата за Локалните избори 2021 – покажува Извештајот за медиумското известување за периодот од 27 септември до 15 октомрви, што го објави денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Според медиумскиот регулатор, сите комерцијални сервиси на национално ниво вложиле напори да обезбедат медиумско покривање на изборната кампања и речиси сите, освен што информирале во дневно-информативните емисии, за учесниците во изборите резервирале и повеќе посебни информативни програми.
– Кампањата не беше покриена во согласност со принципите на еднаквост за кандидатите за градоначалници и пропорционалност за кандидатите за општински советници. Редакциите ја следеа изборната кампања прагматично, претежно според очекувањата од општото политичко искуство за досегашните изборни процеси, давајќи им приоритет на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ и на нивните коалициски партнери, а не според појдовните принципи од наведените законски барања. Но, за таквата констатација има низа објективни причини, во случајов тргнувајќи од основната – огромниот број потврдени кандидати за градот Скопје, за скопските општини поединечно, но и за сите други општини во државата – соопштија од ААВМУ.
Јавниот радиодифузен сервис ги почитуваше законските барања за структурата на дневноинформативните емисии, за емитување дебати и бесплатно политичко претставување. Собранискиот канал емитуваше бесплатно политичко претставување на повеќе учесници во изборите, распоредувајќи го времето според законската одредба – констатираат од Агенцијата.
Со миниторингот беа опфатени 13 програмски сервиси – националните комерцијални телевизии Алсат-М, Алфа, Канал 5, Сител, Телма, 24 Вести, 21-М, Шења и Клан Македонија и програмските канали на Јавниот сервис – МРТ1, МРТ2, Собранискиот канал и Првата програма на Македонското радио.
Паралелно со овој мониторинг, Агенцијата вршеше мониторинг и за емитуваното платено политичко рекламирање на 41 телевизија и 48 радија кои во предвидените законски рокови се регистрираа во Државната изборна комисија, чиј извештај ќе биде објавен во рокот предвиден во Изборниот законик.
МИА