ДИК бара изборните комисии и одбори да им овоможат пристап на медиумите и набљудувачите во гласачките места – ММС
ММС

Објавено на: 10/25/21 1:01 PM

ДИК бара изборните комисии и одбори да им овоможат пристап на медиумите и набљудувачите во гласачките места

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека најостро ги осудува настаните со кои на 17 октомври, денот на изборите, на медиумски работници и акредитираните набљудувачи на изборите им беше попречен пристапот до одредени гласачки места.
„Како највисок изборен орган, ДИК им укажува на членовите на општинските изборни комисии и избирачките одбори во целост да се придржуваат до насоките добиени во едукативните материјали од ДИК и на обуките кои ги спроведуваат сертифицираните обучувачи на ДИК, да им овозможат пристап на медиумските работници и акредитираните набљудувачи во гласачкото место, да им овозможат на медиумските работници да снимаат или фотографираат во гласачкото место, водејќи сметка за тајноста на гласањето и личните податоци на гласачите (во оваа смисла, не е дозволено снимање и фотографирање на гласачите зад гласачките паравани и на личните податоци на гласачите кои се содржани во уредите за биометриска идентификација на гласачите и изводите од избирачкиот список) и да можат да дадат изјава за медиумите која содржи технички информации околу гласањето, се посочува во соопштението. За ДИК транспарентноста на целокупниот изборен процес е принцип од исклучително значење, потенцираат од Комисијата.