ЕСМ смирува-Струја за домаќинствата има, цената останува иста, а узвозот на јаглен е за фирмите и институциите – ММС
ММС

Објавено на: 10/22/21 2:02 PM

ЕСМ смирува-Струја за домаќинствата има, цената останува иста, а узвозот на јаглен е за фирмите и институциите

,,АД ЕСМ има стабилно производство на електрична енергија за домаќинствата и цената на струјата за домаќинствата нема да се менува. Компанијата го засили ископот на јаглен во РЕК Битола и во РЕК Осломеј заради стабилно производство на електрична енергија за домаќинставата и го оптимизира производството во хидроелектраните, гасната и ветерната електрана“, соопштија од ЕСМ.
Додаваат дека, компанијата во целост ги испорачува потребните количини на електрична енергија кон универзалнот снабдувач за домаќинствата, ЕВН Хоум.
„По одредени написи во дел од медиумите-уште еднаш потенцираме дека набавката на јаглен, која ја спроведуваме по препорака на Владата, а во соработка со стопанската комора, заради високите цени на берзите во регионот и во Европа, е исклучиво за потребите на отворениот пазар, односно стопанството и институциите, со цел тие да се снабдат со електрична енергија по цени пониски од моменталните цени на берзите“, изјави директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.
Најавија дека во текот на наредните денови ќе се склучи договор за набавка на јаглен за РЕК Осломеј за негова континуирана работа, од декември годинава, до април 2022 година. За РЕК Битола повторно е распишан повик со цел да се добие поголема количина на јаглен, со поволна цена која ќе има економска оправданост. Истовремено, се прават координации со ТЕЦ Неготино за стартување на оваа термоелектрана, и доколку се обезбеди мазут истата ќе се стави во функција.