Нема пари, нема нов автомобил – Лани на лизинг се „излизгале“ возила вредни над 6,2 милиони евра – ММС
ММС

Објавено на: 10/21/21 10:00 AM

Нема пари, нема нов автомобил – Лани на лизинг се „излизгале“ возила вредни над 6,2 милиони евра

Лани на лизинг се „излизгале“ возила вредни над 6,2 милиони евра – покажува статистиката на Народната банка. Лизинг компанииите во пандемиската 2020 година раскинале вкупно 261 договор за лизинг со компании и граѓани кои не си ги плаќале ратите на време. Така, биле раскинати вкупно 175 договори со компании кои имале на лизинг земено најчесто возила, во вредност од над 5 милиони евра. Додека пак 86 граѓани останале без своите автомобили вредни вкупно над 1,1 милион евра. Податоците на Народната банка покажуваат дека и на фирмите и на граѓаните лани поради кризата им било многу потешко да ги плаќаат ратите за лизингот.

За споредба во претходната 2019 година биле раскинати 182 договори вредни два милиони евра помалку или 4,2 милиони евра.

Бројките покажуваат дека лани вкупната вредност на активните договори за лизинг изнесувала неверојатни 134,2 милиони евра. Најголем дел од договорите биле склучени со компаниите и нивната вредност била 106,5 милиони евра. Според рочноста пак, најголем дел од договорите со компаниите биле на од една до пет години и нивната вредност била речиси 84 милиони евра. Додека со рочност од пет до десет години имало договори вредни речиси 22 милиони евра.

Вкупната вредност пак на активните договори за лизинг со граѓани била речиси 28 милиони евра. Од нив со рок на лизинг од една до пет години биле автомобили вредни 11,6 милиони евра, а пак на тие со рати за плаќање од пет до десет години износот бил 15,8 милиони евра.

Компаниите, пак, што работат со лизинг лани заработиле вкупно речиси 1,8 милиони евра или над 300.000 евра повеќе од  претходната- некризна 2019 година.

(А.С.)