„Џонсон и Џонсон“ очекува 2.5 милијарди долари приход од продажбата на вакцини оваа година – ММС
ММС

Објавено на: 10/19/21 5:01 PM

„Џонсон и Џонсон“ очекува 2.5 милијарди долари приход од продажбата на вакцини оваа година

Американскиот фармацевтски гигант „Џонсон и Џонсон“ денеска ја зголеми годишната прогноза за профитот и потврди дека очекува 2,5 милијарди американски долари приход од продажбата на вакцината против Ковид-19.

На почетокот од годинава, „Џонсон и Џонсон“ се соочи со проблеми во производството на вакцини во фабриката во Балтимор и беше принуден да уништи милиони дози, да ги одложи испораките и двојно да го намали своето целно годишно производство на 500 до 600 милиони дози.

Неговата вакцина сега многу помалку се користи во САД, иако некогаш беше прогласена за важна алатка во борбата против пандемијата во тешко достапните области, особено со оглед на фактот дека луѓето се вакцинираат само со една доза.

Конкурентите „Модерна“ и „Фајзер“, пак, потпишуваат договори за испорака на трети дози во следната година, но и на подолг рок.

„Џонсон и Џонсон“ ги зголеми приходите за 10,7 проценти во третиот квартал, на 23,3 милијарди долари.

Нето добивката се зголеми за 3,2 отсто, достигнувајќи 3,67 милијарди долари. Заработката по акција се зголеми за три проценти, на 1,37 американски долари.

Одделот за лекови го зголеми приходот во третиот квартал за 13,8 проценти, на 13 милијарди долари, а приходот од продажба на вакцината против Ковид-19 изнесуваше само 502 милиони долари. Во првите девет месеци достигна 766 милиони долари.

Компанијата ја потврди проценката од јули дека приходите од продажба на вакцини против коронавирус треба да изнесуваат 2,5 милијарди долари, што значи дека треба да е двојно повеќе во последните три месеци од оваа година отколку во првите девет месеци годинава.

Вкупниот приход се очекува да биде 94,1 милијарди до 94,6 милијарди долари оваа година, проценува „Џонсон и Џонсон“.

МИА