Хотелите од Струга и Охрид за престојната туристичка сезона ќе продаваат аранжмани, кои ќе бидат и за 20 % повисоки од досегашните. Тоа значи дека потенцијалните гости ќе треба подлабоко да бркнат во сопствениот џеб, ако сакаат да одмараат покрај Охридското Езеро. Сето ова доаѓа по најавите од преработувачката индустрија во земјава, за покачување на цените на прехранбените производи до крајот на годинава и до 50%, што ќе биде причина и за ценовен шок. Велат дека ги прават потребните калкулации, до каде точно ќе одат цените и што за истите ќе добијат потенцијалните гости.
„Трошоците си го прават своето и за следната сезона. Сите сме насочени кон анализи, математички операции, се’ со цел како да успееме да направиме повторно баланс помеѓу можностите и прилагодување на цената со нашиот пазар и покривање на дел од тие трошоци, кои дополнително се на терет на нашето работење“, изјави Тоше Чочороски, менаџер на хотел во Охрид.
„Кога би ставиле некаков просек би требало да биде до дваесеттина посто покачувњето на цената на аранжманите, не повеќе, но само ако работиме многу домаќински. Ние ќе треба да ги прилагодиме нашите производи спрема новите цени на производите кои треба да ги плаќаме.Се надевам дека нема да биде преголем шок бидејки и ние треба да преживееме и да ги наполниме капацитети кои ги имаме“, изјави Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ- Хотелска асоцијација на Македонија.
„Ако се зголемат цените, нормално дека ќе се намали и оптегот на гости бидејки летната сезона заврши,а вон сезона по логика треба да е поефтино. Но приликите не советуваат дека мораме да зголемиме 20% на цените, бидејки артиклите, дериватите и струјата се зголемија и ќе мора да ги зголемиме цените за да може некако да издржиме“, вели Муса Рашид, сопственик на хотел.
Рашид додава дека ако државата донесе одлука да ги замрзне цените на пазарот тогаш и тие ќе бидат солидарни, но се надева на помош од Владата.
„Ако државата донесе одлука да ги замрзне цените на пазарот, тогаш и ние ќе сме солидарни. Ќе гледаме со минимална маржа да издржиме до следната сезона, но по овие најави, мислам тоа ќе биде тешко. Се надеваме на помош од државата, бидејки оваа сезона работевме само 45 дена, а имаме трошоци за следните месеци кога не работиме. Затоа по се’ изгледа ќе имаме тежок период. Се надеваме дека од април ќе имаме гости, а пандемијата конечно да се смири“, додава Рашид.
Хотелиерите стравуваат дека покачувањето на цените ќе влијае на бројот на странски гости кои ги очекуваат ова лето, а кои изминатите две сезони поради пандемијата со ковид-19, дојдоа во минимален број.
„Ако сме со подобра цена, ќе имаме исполнетост од 50 соби, а ако имаме поскапа цена,која не е конкурентна,можеби ќе имаме исполнетост од 30 или 25 соби“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.
„Не дека има расположение кај нив да се менува цената,но и тие се спремни, доколку покачувањето е минимално и расположливо за двете страни да се реализира договореното“,изјави Чочороски.
Изминатите две сезони, бројот на странски гости беше само 10% од бројот на странски туристи, кои во 2019 година го посетија регионот. Хотелите на охридско-струшката ривиера ќе се мачат да преживеат во престојниот период. Во моментот се речиси празни, само со по некој помал семинар, бидејки најголем дел од истите беа поткажани, поради ковид протоколите. Некои од нив најавуваат ставање и клуч на врата во зимските месеци,за да ги избегнат дополните трошоци.Велат дека дополнителен проблем, ќе им предизвика и најавата за можно зголемување на цената на електричната енергија после Нова Година.
Повисоки цени има и во добар дел од угостителските објеки во Охрид, кои почнаа да се применуваат уште ова лето, а продолжуваат и понатаму да бидат исти.
Фото: Вања Мицевска
Мики Трајковски