(Видео) Да може бар да се разбуди – Болка што не проаѓа 14 години – ММС
ММС

Објавено на: 10/16/21 9:52 AM

(Видео) Да може бар да се разбуди – Болка што не проаѓа 14 години

„Ве сакам сите“ е реченицата по која ќе го паметиме нашиот ангел Тоше Проески. Неговата харизма, насмеаниот лик, топлина во гласот и широкото срце и денес, кога се навршуваат 14 години од неговата смрт, не не оставаат рамнодушни. Уште еднаш силна болка ни го пара срцето и потсетува дека веќе го нема, дека од него ни останаа само сеќавањата на времето со и без него.

Спомени..   Еден лош и илјадници убави.. Еден со солзи, а илјадници со насмевка..

Тој проклет 16 октомври кога како бомба одекна веста дека неговото срце престанало да чука. Неверување, тага, солзи, горат свеќи за покој на неговата душа, жал за младоста, за прекинатите соништа, за плановите, кои ех да не беше вака, нему ни небото немаше да му биде граница..

„Игри без граници“ колку и да сакаш да ја слушаш бегаш од неа бидејќи те потсетува на голема тага, на непребол, на нешто што не требаше да се случи.. Останаа „скинати страници, празни неиспишани“…

Да може бар да се разбуди…  Да се насмее, да запее.. „Тајно моја“, „Ако ме погледнеш во очи“, „Цреша“, „Кој ли ти гризе образи“, „Сонце во твоите руси коси“,  „Никој како тебе не бакнува“.., не, никој како тебе не пее и не ќе запее…

„Сликајте ме со ѕвезденото небо“ рече на последниот концерт.. И тогаш никој не можеше ни да помисли дека само по неколку дена ќе стане наша ѕвезда на небото..