ЈО со дополнителни дежурства утре ќе следи кривични дела во изборниот процес – ММС
ММС

Објавено на: 10/16/21 9:17 AM

ЈО со дополнителни дежурства утре ќе следи кривични дела во изборниот процес

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија преку привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, ја известува јавноста дека во континуитет ги следи случувањата поврзани со изборниот процес. Јавните обвинители посветено постапуваат во борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето, давајќи придонес кон нивно сузбивање и превенирање.
„Ја известуваме јавноста дека во текот на изборниот ден, на 17 октомври 2021 година, ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во ЈО. Во процес на меѓусебно координирано известување, Комисијата ќе го следи процесот на гласање. Итно и со приоритет обвинителствата ќе продолжат да постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите. Добиените известувања веднаш ќе се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства, во насока на проверка на наводите и донесување на одлуки за натамошно постапување.
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија потсетува дека во функција е отворената електронска адреса izbori@jorm.mk, каде секој кој смета дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес може да достави поднесок / пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности.

(МИА)