Време е Софија да преземе одговорност, ние го исполнивме своето, рече Димитров на Самитот на Западен Балкан – ММС
ММС

Објавено на: 10/14/21 2:55 PM

Време е Софија да преземе одговорност, ние го исполнивме своето, рече Димитров на Самитот на Западен Балкан

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска беше говорник на панелот „Визија за Европската Унија и Западниот Балкан – Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: зошто е тоа критично за иднината на Европа?”, а во рамки на вториот по ред Самит на Западен Балкан што се одржува во Скопје во организација на лондонски The Economist.

„Доколку проширувањето се изземе од односите меѓу Европската Унија и регионот, тогаш на сцена доаѓаат други алтернативи какви што имавме во 90тите години, кои не носат мир, просперитет и стабилност. Ангажирањето на ЕУ за овој регион да стане навистина европски, во градењето силни демократии, владеење на правото и справување со корупцијата е многу поисплатлива инвестиција отколку неговото занемарување. За враќање на надежта на граѓаните дека европската иднина е остварлива, покрај политичко ветување потребен е и конкретен исчекор. Комплетирана Европска Унија со земјите од регионот значи подобра и посилна Унија, ние сме дел од европската куќа. Мораме да работиме на надминување на економскиот јаз и да најдеме механизам да го одржуваме процесот на трансформација“, рече Димитров.

Во таа смисла, Димитров нагласи дека за европското досие на Северна Македонија има согласност од сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија поради што повика на одговорност и лидерство.

„Европската Унија е сложен ентитет и сите напори и заложби за креирање функционална политика на проширување можат да бидат блокирани со противење од една земја, и тоа од причини кои не се во согласност со европските вредности на кои се заснова процесот. Во однос на Северна Македонија, постои согласност од сите земји членки на ЕУ дека условите за почеток на пристапни преговори се исполнети и немаат никакви дилеми дека е крајно време тоа да се оствари – дури и од оние кои се најстриктни во тој поглед. Затоа е потребно Бугарија да преземе одговорност и да покаже лидерство за градење на заедничката иднина. Треба да постигнеме прифатливо решение во согласност со европските стандарди и вредности, кое ќе го почитува достоинството на македонските граѓани. Да се биде земја членка на ЕУ не подразбира дозвола за поставување секакви услови – тие мора да се согласно европските вредности, ако зборуваме за пристапниот процес“, додаде тој.

На панелот учествуваа и поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу – актуелен претседател на Социјалистичката интернационала, поранешниот германски вицеканцелар и МНР Јошка Фишер и ЕУ амбасадорот Дејвид Гир.

Јоргос Папандреу истакна дека земјите од регионот секогаш делеле заедничка заложба за градење просперитетна иднина, мир и стабилност и токму европската перспектива е рамката за остварување на оваа визија.

На овие ставови се надоврза и поранешниот вицеканцелар Фишер којшто подвлече дека овој регион природно припаѓа на Европа и неговата иднина е во Европската Унија: „Мирниот политички поредок на овој регион е врзан со европската интеграција, Европската Унија се соочува со многу предизвици и кризи, но токму регионот може да ја зајакне стратешката автономија и да помогне во справувањето. Но и регионот треба да работи посветено на процесот и да ги искористи придобивките.”

 

О.К.