Поддршката за сеопфатно сексуално образование не е и поддршка за скандалот во извидничкиот капм – ММС
ММС

Објавено на: 10/14/21 2:37 PM

Поддршката за сеопфатно сексуално образование не е и поддршка за скандалот во извидничкиот капм

Рецензираме текст со насловот „Царовска призна поддршка на сексуално образование“, кој произлегува од границите на професионално известување и се коси со Кодексот на новинари.

Имено, самиот непознат автор на текстот, пласира како ново нешто што веќе е познато од минатата година, а тоа е дека министерката за образование и наука, Мила Царовска дава поддршка за сеопфатното сексуално образование.  Според новинарската теорија, веста претставува новост, односно за една информација да е вредна да се пласира како таква треба да нуди нешто ново и непознато. Во овој случај насловот не нуди ништо ново, иако понатаму текстот се однесува на нов и актуелен случај, а тоа е секс-скандалот со извидничкиот камп во близина на Скопје.

Миниctерката Цаpoваска во обид да демантира замешаност со скандалот на кампот каде се злоставувале деца, сепак призна поддршка за ceкcyално образование како пилот-фаза која се случува во четири училишта, се наведува во текстот.

Всушност, министерката Царовска не признава дека дава поддршка за сексуалното образование сега, туку овој нејзин став е од минатата година иако сеопфатното сексуално образование се’ уште официјално не е воведено за учениците во земјава.

Конкретниот текст кој е предмет на оваа рецензија, претставува спин и ја манипулира публиката сугерирајќи дека тоа што се случувало во извидничкиот камп е поврзано со сеопфатното сексуално образование, иако освен ресорната министерка, уште неколку други засегнати страни тоа го демантираа. Случајот со извидниците кој го привлече вниманието на јавноста е искористен за да се наметне став околу сеопфатното сексуално образование во училиштата, кое според досегашните најави и изјави во медиумите нема да подразбира активности на какви што децата во извидничкиот камп биле приморувани.

Со ваквата објава, секс-скандалот кој се случил во близина на Скопје се користи за да се прикаже дека со сексуалното образование учениците ќе се учат на вулгарни работи, иако целта на надлежните кои го воведуваат е сосема поинаква.  Ресорната министерка Царовска во едно од своите медиумски излагања самата потенцираше дека ова образование е тема на лажни вести и дека учениците ќе учат како да се борат против родовите стереотипи.

Во изјавата пак, што ја пренесува објавата која ја рецензираме, Царовска неслучајно ги споменува и невладините организации кои даваат јавна поддршка за сеопфатното сексуално образование. Тие веќе се оградија од секс-случувањата со извидниците и учениците, па укажувањето дека тие не ги оправдуваат, упатува на тоа дека ССО не подразбира вакви теми.

Понатаму непознатиот автор продолжува со коментаторски стил, оценувајќи дека Царовска е „збунета“.

Според неа, на прашање како овој случај ќе влијае на процесот на сексуално образование и дали можеби ќе се појави недоверба кај родителите, министерката посочи дека од него се оградија и ХЕРА и Фондација „Отворено општество“, и Градот Скопје, што, како што рече, укажува на тоа дека никако тоа не е поврзано со сексуално образование. Мила Царовска повторно збунета, дали зборува како портпарол на ХЕРА или како Министер за образование. Како е можно министер да си дозволи таква факторизација на една организација која е замешана во низа скандали во земјава? – се додава во текстот.

Со ваквата оценка за збунетоста, новинарот го прекршува член 13 од Кодексот на новинари на ЗНМ, каде се наведува:

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

Освен тоа, авторот додава дека организацијата ХЕРА која се споменува во изјавата, е замешана во низа скандали во земјава, но при тоа не открива за какви скандали станува збор.

Со ова се прекршува и член 1 од Кодексот на новинари, каде се посочува:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Во својата изјава, Царовска освен оваа невладина, ја посочува и Фондацијата Отворено општество како едни од поддржувачите на сексуалното образование. Со изјавата укажува дека штом тие се оградиле од случајот со извидничкиот камп, ваквиот тип образование не ги подразбира активностите кои биле организирани во рамките на извидничкиот камп „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рок енд рол“.

 

This project was funded through a U.S. Embassy grantThe opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementer/author Media plus and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторот/авторот Медиа плус, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementues/autore Media plus, dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.