Дигиталните книги ги прифатија сите, иако наидоа на мал отпор, рече Царовска на дигиталниот самит во Подгорица – ММС
ММС

Објавено на: 10/13/21 1:53 PM

Дигиталните книги ги прифатија сите, иако наидоа на мал отпор, рече Царовска на дигиталниот самит во Подгорица

„После повеќе од година и половина период на пандемија, од денешна перспектива можам да кажам дека здравствената криза го забрза значително процесот на дигитализација на образованието и Република Северна Македонија е горда на постигнатите резултати. Спроведуваме постепена трансформација не само во делот на онлајн наставата, туку и во дигитализирање на учебниците и на услугите во образованието“,  истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на четвртиот Дигитален самит на Западен Балкан кој се одржува во Подгорица, Црна Гора, во рамки на Берлинскиот процес и Агендата за заеднички регионален пазар за Западен Балкан, а чија организација е поддржана од Регионалниот совет за соработка.

„Јасно е дека дигитализацијата не е само тренд, туку огромна потреба. Држава која не вложува во овој процес, ризикува да остане години наназад во борбата и натпреварот за подобри услови за живот на граѓаните, во однос на останатите држави кои посветуваат внимание на овој сегмент”, потенцираше Царовска, додавајќи дека процесот на дигитализација на образованието во Северна Македонија уште повеќе ќе се интензивира првенствено во интерес на учениците и студентите.

,,Во периодот додека трае пандемијата, дигитализирани се многу од услугите кои ги нуди Министерството за образование и наука, како аплицирањето за стипендии, за сместување во ученички и студентски домови, за нострификација на дипломи, за остварување на низа други права во областа на образованието, за уписи во прво одделение и слично”, истакна Царовска.

Министерката посочи дека освен што се дигитализирани материјалите за учење, набавени се таблет уреди за учениците од четврто одделение кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, а училиштата каде недостасуваа, ги обезбедивме со интерактивни табли и друга неопходна опрема.

„Пред тоа, креиравме единствена национална платформа за далечинско учење”, информираше Царовска, додавајќи дека иако на почетокот, реформата наиде на отпор кај дел од јавноста, сега веќе промените се широко прифатени, затоа што сите ја примија пораката за важноста и вредноста на дигитализацијата.

 

Извор: МОН