Новинарски текст „го пушта низ вода Муцунски“ во коментар кој ги крши сите новинарски стандарди – ММС
ММС

Објавено на: 10/13/21 9:05 AM

Новинарски текст „го пушта низ вода Муцунски“ во коментар кој ги крши сите новинарски стандарди

Рецензираме текст со наслов „Според анализите, кадарот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник во Аеродром познат како кустос на народни пари кој за време на груевизмот се гоштевал по елитни ресторани со храна кои чинеле тешка пара, Тимчо Муцунски е пуштен низ вода“, кој е спротивен на новинарските постулати за објективно, непристрасно и урамнотежено информирање.

Насловот е спротивен на новинарските стандарди и наместо да информира, коментира.

Текстот почнува со информација кои се кандидатите за локалните избори во Општина Аеродром, по што продолжува со коментар за еден од кандидатите. Новинарот пишува:

Според политички аналитичари,две работи се евидентни досега – Муцунски очекува пораз, а неговата партија по се изгледа намерно го пушта низ вода“.

Авторот на текстот се повикува на „политички аналитичари“, но понатаму никаде во текстот не се наведува кои се аналитичарите, ниту што всушност имаат кажано за кандидатот за градоначалник и за случајот. Со самото тоа што новинарот ги нема наведено овие податоци, се отвара прашањето за кредибилитетот на инфомациите кои се понудени.

Имајќи предвид дека се наоѓаме во предизборен период, кога медиумите треба да се исклучително внимателни во изборот на теми и начинот на известување, новинарот со ова не само што го прекршува Кодексот на новинари , туку е спротивен на професионалните и етички стандарди во известувањето за изборите од Прирачникот за етичко известување од избори во Северна Македонија.

Овој текст е класично прекршување на универзалните принципи за точност, непристрасност, урамнотеженост и чесност и независност.

Новинарите имаат обврска да известуваат на вистинит начин преку сеопфатно прикажување на реалноста низ факти и аргументи. Тие мора да имааат критички однос кон информациите, што подразбира дека ќе ги проверуваат и потврдат. Изворите на информации треба да бидат јасно и прецизно наведени, со исклучок на околностите кога медиумитетреба да обезбедат заштита на идентитетот на изворот којшто доверил определени информации

Во случајов новинарот не известува преку сеопфатно прикажување на реалноста низ факти и аргументи бидејќи дава коментар само за една засегната страна. Од друга страна не ги ни открива аналитичарите кои ги навел во текстот, иако нема никаква потреба од криење на нивниот идентитет.

Непристрасност. Тоа подразбира известување во кое се прави јасна дистинкција меѓу фактите и мислењата. „Водителите и новинарите не смеат да изразуваат свои политички гледишта и мислења во вестите“ Медиумите може да наведат различни извори на информации и потоа да ги проверат фактите за тоа што било кажано и да разобличат лажни тврдења преку наведување аргументи. Тоа значи дека треба да се избегне пристрасност во прилог на или против која било страна.“

Новинарот никаде во текстот не прави јасна дистинкција меѓу фактите и мислењата, туку целиот свој коментар го нуди како вест. Дополнително нема два различни извори на информации, туку има пристрасно известување – во случајот за дискредитирање на едниот кандидат за градоначалник.

Освен ова, новинарот се служи со сензационалистички приказ на темите и настаните и има несоодветен речник и непрецизни  зборови со кои се обвинува и кои повеќе се разбираат како потпалувачка реторика, наместо како информации.

Новинарот и медиумите во предизборниот период имаат нагласена одговорност за објективно и професионално новинарство, во функција на фер и демократска атмосфера, која граѓаните низ точни и проверени инфрмации ќе гиподготви за изборниот ден.Во овој случај, медиумот и авторот не одговараат на потребите на едно демократско општество.