Најмалку 2,8 милиони евра заштедила државата преку вакцинацијата во текот на делта бранот, со намалување на бројот на хоспитализации во текот на последниот бран од ковид пандемијата. Ова во својата најнова публикација го нотира невладината организација Фајнанс тинк.
Со цел да се процени економската корист од вакцината, невладината прави проценка на заштедира од хоспитализација, преку оценка на трошокот кој би настанал доколку немаше вакцина против коронавирусот.
Графикон: Реален и проектиран број на хоспитализации (на неделна основа)
Според проценките, вакцинацијата ја намалила хоспитализацијата помеѓу 37.9% и 46.5% – се наведува во публикацијата, која според анализата на Фајнанс тинк укажува дека:
-вакцинацијата спречила да се заразат дополнително околу 14,500 луѓе (или 148 повеќе новозаразени на ден) во текот на последните 3.5 месеци.
-отсуството на вакцинација би придонело, кумулативно, до дополнителни 4,595 неделни хоспитализации (околу 328 хоспитализации повеќе, неделно). Според проценките, вакцинацијата ја намалила хоспитализацијата помеѓу 37.9% и 46.5%.
-вакцинацијата ги намалила трошоците за хоспитализација за 170.8 милиони денари (2.8 милиони евра) во текот на последните 5 недели од делта бранот.
Од невладината констатираат дека вкупниот ефект врз хоспитализацијата изнесува само 3.2% заштеда од вкупниот годишен буџет на Министерството за здравство, но сепак тој е значаен поради следните причини:
1) според официјалните статистики, Северна Македонија само што надмина 34% вакцинирано население (блиску 50% вакцинирано полнолетно население), што е сè уште пониско ниво на вакцинација од нивото во развиениот дел на Европа;
2) целата анализа се базира на конзервативна проценка на ефектите, што значи дека ефектот е веројатно поголем;
3) главна претпоставка на оваа анализа е дека делта бранот се однесува како претходните, иако постојат мислења дека делта сојот е далеку позаразен.
Невладината им препорачува на носителите на политиките да го забрзаат темпото на вакцинација воведувајќи стимулативни мерки (пр. вредносни ваучери), посебно во градовите со пониско ниво на вакцинирана популација, со цел да се намали притисокот врз здравствениот систем и јавните финансии.
Исто така, приватниот сектор да го препознае општествениот бенефит од вакцинацијата и преку стимулативни мерки да ги мотивира своите вработени и клиенти да се вакцинираат-се додава во публикацијата.