Трка по брз кеш за „преживување“ – Граѓаните и фирмите лани земале брзи кредити тешки 80 милиони евра – ММС
ММС

Објавено на: 10/15/21 9:00 AM

Трка по брз кеш за „преживување“ – Граѓаните и фирмите лани земале брзи кредити тешки 80 милиони евра

Граѓаните и фирмите лани во кризната пандемиска година подигнале близу 80 милиони евра брзи кредити од финансиските друштва. А 32-те компании во земјава кои нудат брзи кредити, лани заработиле фантастични близу 4 милиони евра.

Повеќе пари лани им требале на граѓаните. Тие имале 66 милиони евра во брзи кредити. Сума што е за 10 милиони евра повисока од таа што ја земале во 2019 година – покажуваат податоците на Народната банка. Дополнително уште речиси 18 милиони евра во брзи кредити подигнале компаниите. Податоците покажуваат дека и граѓаните и фирмите во трката по брз кеш кој им е неопходен за „преживување“ се обидувале да ги заобиколат банките и бирократијата, односно парите им биле итно потребни. Дури биле одлучни да ги земат и со полоши услови и поголеми трошоци кои ќе треба да ги исплатат.

Бројките покажуваат дека лани имало 115.419 граѓани кои зеле брзи кредити, за разлика од претходната година кога бројката била под 100.000 или точно 99.486. Бројките растеле и кај компаниите. Па така лани 812 компании се одлучиле на брз кредит, за разлика од 2019 година кога биле 606.

Во однос пак на рочноста, компаниите најмногу земале брзи кредити кои требало да ги вратат во рок од 1 година. Такви имало 463 договори а сумата била половина од вкупната сума на земени брзи кредити, или 9,2 милиони евра.

Граѓаните пак најмногу брзи кредити земале со рок на отплата до 1 година, а сумата за која се задолжиле била највиска кај тие кои требало да ги отплатат за од 1 до 3 година. Така 64.236 брзи кредити  вредни над 18 милиони евра биле земени со рок на вражање од 1 година. Додека пак 47.018 граѓани се задолжиле со 34,8 милиони евра кои требало да ги вратат подолгорочно, за од 1 до 3 години.

(А.С.)