Водостојот на поголем дел од реките во државата е зголемен во однос на вчера, покажуваат денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи.
За 18 сантиметри е зголемено нивото на реката Вардар кај Демир Капија, а за 10 сантиметри кај Велес. Исклучок за Вардар е мерното место кај Јегуновце каде за шест сантиметри е намалено нивото во однос на вчера.
За 10 сантиметри е повисок водостојот и на реката Струмица кај Ново Село, за шест сантиметри на Брегалница кај Берово и за пет сантиметри на Пчиња кај Катлановска Бања.
Поради врнежите постои можност од поплави, предупредуваат од Центарот за управување со кризи.
Граѓаните да бидат внимателни доколку се движат покрај суводолици и реки. Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов на прес – конференција во петокот соопшти дека на координативен состанок со претставници од АД Водостопанство, Хидрометеоролошкиот завод и на други инститиции и ја разгледале состојбата со одводните канали. Повеќето се исчистени, а мал дел треба да се исчистат.
„Секундарните канали, добар дел од нив се во добра кондиција и се исчистени, но се работи на нивно понтамошно чистење. Додека локалните канали, кои поминуваат низ населени места, состојбата некаде е многу лоша и не би можеле да ја прифатат надојдената вода доколку дојде до пообилни врнежи“, рече Ангелов.
Тој апелираше и до АД Водостопанство на Република Северна Македонија и до локалните самоуправи да бидат разгледани сите критични точки, да бидат исчистени, доколку е потребно на некои места да се постават насипи или да се обезбеди можност од брзо местење насипи доколку се појави потреба. Ги повика граѓаните да пријават до ЦУК, на бесплатниот телефонски број 195 доколку проценат дека некаде постои опасност од поплави или можност од излевање на речните корита.