Попладнево на својот фејсбук профил, министерот за здравство Венко Филипче објави дека заврши трансплантацијата на срце кај 53-годишниот пациент, кој имал тешка срцева аномалија.
-Неколку часа траеше трансплантацијата на срце кај 53 годишниот пациент, кој имаше тешка срцева аномалија. Сега следи критичен период на опоравување. Пациентот останува под надзор на стручниот лекарски тим на Клиниката за кардиохирургија.
На клиниката за Урологија хирурзите полека ја завршуваат и трансплантацијата на бубрег кај дваесет годишната пациентка која подолг период беше на дијализа.
На пациентите им посакуваме што побрзо опоравување и многу здравје. На колегите кои беа дел од овие експлантации и трансплантации на срце и бубрег, им честитам за уште еден успех. Вие пишувате историја! Изразувам незимерна благодарност за храброста, добродушноста и хуманоста на семејството на донорот, објави Филипче.
Уште во раните утрински часови денеска започнаа координативни состаноци за подготовка за отпочнување на шестата по ред трансплантација од починат донор. Во текот на вчерашниот ден болничките координатори од КАРИЛ дијагностицираа млада пациентка со мозочна смрт и по долги разговори со семејството одлучија да ги донираат органите.