Имаме голема одговорност кон двата народи да работиме заедно, порача грчката претседателка Сакеларопулу на вечерата во чест на Пендаровски – ММС
ММС

Објавено на: 10/6/21 8:00 AM

Имаме голема одговорност кон двата народи да работиме заедно, порача грчката претседателка Сакеларопулу на вечерата во чест на Пендаровски

Специјално за ММС од Атина, Орце Костов

Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу организираше свечена вечера во претседателската палата за македонскиот претседател Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска и во поздравниот говор им посака добредојде и порача дека двете земји, Северна Македонија и Грција, имаат голема одговорност пред своите народи како први соседи да работат силно на билателарните односи.

„Со големо задоволство Ви посакам добредојде во Грција.Вашата посета на нашата земја е прва официјална посета на Претседател на Република Северна Македонија во Грција и е од особено значење за односите помеѓу двете земји. Грција и Северна Македонија, како земји со заедничка граница, имаме уште поголема одговорност кон нашите народи да работиме заедно и да ги зајакниме нашите билатерални односи со почитување на принципот на добрососедство и на Меѓународното Право, во корист и на нашите земји и на поширокиот регион.

Потенцијалот за економски развој е огромен, особено во области како што се интерконекцијата, енергетиката, инвестициите или трговијата. Грчкото инвестициско присуство многу години во Вашата земја е важно и одлучувачки придонесува за нејзиниот економски развој. Во исто време, комуникацијата помеѓу граѓаните и особено младите е особено важна.  Сигурна сум дека нема да имате забелешка, дека многу е важно да се осигура дека негативните стереотипи кои ја поткопуваат оваа комуникација и, на крајот, иднината на нашите билатерални односи нема да се овековечат преку образованието.

Во контекст на овие размислувања, би сакала повторно да Ви посакам добредојде во Атина, Господине Претседателе, и да Ви посакам здравје и успех лично на Вас и просперитет на народот на Република Северна Македонија“, истакна Сакеларопулу.

Пендаровски во својот поздравен говорот го истакна фактот што е прв претседател на Република Северна Македонија кој во тоа својство ја посетил Хеленската република.

“Ми претставува особена чест и задоволство што денес престојувам во официјална посета на пријателска Република Грција и што сум првиот претседател на Република Северна Македонија кој во тоа својство ја посетил Хеленската Република. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам за топлото гостопримство што ми го овозможивте мене, на мојата сопруга и на мојата делегација овде во Атина, градот под Акропол, историскиот симбол на демократијата во светот.  Почитувани, во оваа посета која ја чекавме цели триесет години дојдовме како Ваши пријатели. Денес, за време на сите мои средби уште еднаш се уверив дека напорите кои ги вложуваме во насока на уште поголемо зближување на нашите држави и народи, се двострани и искрени.

Постигнавме видливи резултати за краток период и покрај сите предизвици.  Речиси и да не постои сфера каде што немаме заеднички интерес за прогрес.  Длабоко сум уверен дека во периодот што претстои ќе го зголемиме обемот на трговска размена и инвестиции. Сиве овие изминати години релациите меѓу двете бизнис заедници не прекинаа. Време е ние сега да креираме подобри услови за нивна уште поголема соработка. Дозволете уште еднаш искрено да се заблагодарам за континуираната грчка поддршка за процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската унија, каде што и покрај сите блокади со кои сме соочени, Вие сте наш доследен поддржувач и промотор. Почитувана г-ѓо Претседател, имаме толку многу теми за разговор, што искрено посакувам што побрзо да ве видам во Скопје, да Ве поканам во посета на мојата земја, да ги запознаете нашите природни убавини и се разбира, час поскоро, да продолжиме со нашите конструктивни разговори“, истакна Пендаровски.

фото: Кабинет на претседател/МИА