ММС, 20.08.2018
По неколкуте претходни, производителите на сина слива од Делчево и Делчевско и денеска излегоа на протест што беше најавен на патот од Делчево кон границата со Бугарија, но поради тоа што полицијата не дозволила да се блокира патот кон граничниот премин, овоштарите протестираа на патот Делчево-Пехчево-Берово. Сливопроизодителите бараат по пет денари за килограм слива од Владата како минимална компензација.
-Тоа е минимална сума што може да го одржи производството и во наредната година. Да нема копачење, како што размислуваат многумина производители, зашто во последните години се судираме со сериозни проблеми. Пред две години имаше измрзунување, сега нема откуп, а досега, барем во последните 10-15 години, не се случило сливата да остане несоберена, каква што опасност ни’ се случува сега – вели производителот Славчо Десподов.
Се стравува дека само во пијанечкиот и во малешевскиот крај неоткупени може да останат околу 10.000 тони сини сливи.