Непознати сторители ја отстаниле бистата на еден од најпознатите македонски поети,Анте Поповски, која е поставена во центарот на Струга, а потоа ја фрлиле во езерото. Сето ова се случува на денот на неговиот помен, први октомври. Големиот писател е роден во 1931 година, а почина во 2003 година.
Директорот на Струшки вечери на позијата,Тодорче Тасески, повикува сторителите најитно да бидат пронајдени.
„Бевме известени за инцидентот.Во тек е процедура на пријавување во полиција. Нашите вработени ќе се обидат да ја извадат бистата од езерото и да ја постават повторно на постаментот. Очекуваме сторителите да бидат во најкус рок фатени и соодветно казнети и апелираме и до струшката и до целата македонска јавност да ги почитуваат придобивките на нашата поетска традиција“, рече Тасески.
Тој вели дека ова не е прв ваков инцидент досега и оти вакво нешто се случувало и порано.Најостро го осудува чинот на вандализирање на бистите на истакантати македонски поети.
Од СВР Охрид велат дека извршиле увид на самото место, откако настанот кај нив бил пријавен во 13 часот. Дали во понатамошната постапка ќе се искористат и безбедносните камери кои ги има на околните објекти,зависи дали тоа ќе го побара Јавното обвинителство.
Сметаат дека немилиот настан се случил денес претпладне.
Оштетена е и бистата на поетот Славко Јаневски. Неговата биста, за разлика од онаа на Поповски, била превртена наопаку.
И двете се наогаат во алејата на писателите во Струга.
(М.Т.)
Мики Трајковски