Денеска почнува месецот посветен на зголемување на свеста за ракот на дојка. Вкупно 31 ден светот се бои во розово за да се разбие сивилото во илјадници семејства ширум светот. Но болеста не бира месец, ниту ден, ниту година. Не дискриминира, доаѓа ненадејно. Дојде и во мојот живот, но веќе се испративме. Сепак ќе ви раскажам што значи со неа да живеете под ист кров. Ќе ви раскажам за да знаете дека токму вие може да и’ ги спакувате куферите, доколку таа решила да се досели кај вас. Ќе ви раскажам за да си направите самопреглед. Ќе ви раскажам затоа што овој месец секогаш ќе ме растреперува. Ќе ви раскажам како не треба да се плашите од ништо туку храбро да и се спротивставите и да ја победите.
Ова е мојата приказна:
-Добро утро Македонијо! – велам со ѕвонлив глас. Стрелките на часовникот означуваат точно седум часот. Денот се буди додека јас оставам зад себе уште една непроспиена ноќ, една од првите такви. Дека грутката што е несакан гостин во моето тело, е тумор, е повеќе од сигурно. Дека туморот е малиген, веќе е извесно. Тоа есенско утро во радискиот етер требаше да звучам вообичаено ведро, иако вистината беше дека ги живеам најтешките денови во мојот живот. Во најмала рака бев благодарна што воопшто живеам. Тој викенд беше последниот работен за мене таа 2019 година, годината, која со сигурност ќе сакав да ја одложам ако можев да бирам и се разбира, ако знаев дека ќе значи преседан во мојот сосема нормален живот. Можев да одберам да не работам, но знаев дека долга ќе биде редицата на денови во кои ќе морам да лежам болна. Уште пред да почнат тие неработни денови, копнеев да дознаам кога ли ќе завршат.
Две години подоцна, копнежот е остварен. Она од што се плашев веќе помина, но месецот кој почнува денеска за мене секогаш ќе биде посебен. Ова не е приказна во која јас сум новинарката. Ова е приказна што токму јас ќе ја раскажам.
Една од осум жени во текот на својот живот ја добива дијагнозата рак на дојка. Некои од нив, всушност се девојки. Полетни личности кои уживаат во младоста, на кои им се малку сите часови во денот да остварат сѐ што наумиле, но сепак доволно за да сонуваат големи соништа. Во нив се вбројав и јас. Мојата судбина скрои друг план и одеднаш работите кои ми беа на дофат станаа само сон. Ги сонував и со отворени очи. Ги прегрнував тие соништа во долгите ноќи и не дозволив кошмарите да надвладеат над нив.
Господ ме благословил да не и’ верувам на докторката, кај која прв пат отидов и која безмалку ме прогласи за луда, па и покрај симптомот тврдеше дека сѐ е до мојата психа. Следуваше преглед на уште еден, па на друг доктор. Резултатите беа очигледни – психата немаше врска со ова. Биопсијата го имаше конечниот збор. Оној со кој сфатив дека „една од осум жени“ е многу повеќе од статистика и дека тоа се човечки приказни од секојдневието.
Реченицата „резултатите пристигнаа, за жал имате рак“ одеднаш направи сѐ да биде толку неважно. Сѐ што дотогаш беше проблем, знаев дека допрва ќе стане луксуз. Јасно беше дека „немам што да облечам“ ќе стане „немам за каде да го облечам“. Мојот дом стана и затвор и слобода истовремено.
Како некој што речиси и не влегол во болница, премногу збунувачки беа за мене тие болнички лавиринти. Како ли за миг се претворив во онколошки пациент? Ја галев својата сопствена коса додека броев ситно до збогувањето со неа. Вистина е дека никогаш не ја сакав претерано, но и дека страдав зашто знаев дека нејзината совршена лелеавост ќе стане само минато. Знаев дека ќе дојде ден кога нема да биде таква. Ден кога воопшто ќе ја нема. На денот на операцијата ја собрав во омилениот стегач за коса кој сега го чувам како сувенир. На изненадување на сите излегов од операција со насмевка.
„Па ова не било страшно“ и’ реков на мајка ми, но страшно е ем да одите напред ем да тапкате во место.
Првата препрека ја поминав, следуваше уште една – подолга и поисцрпувачка. Каква ли е таа фамозна хемотерапија, зарем е можно лек да прави да се чувствуваш лошо? Секако дека да. Штом за возврат треба да добиеш нов живот, мора да си силен.
Се втурнав под закрила на чистите бели мантили, на докторите кои беа и сѐ уште се повеќе од тоа, на победничкиот тим кој веруваше во мене, дури и кога самата се сомневав. Ноќите беа ужасно долги, а јас исцрпена од темнина. Кога не ме фаќаше сон, сонував со отворени очи. Безброј пати го гледав раѓањето на денот од мојот прозорец. Уживав во гласната тишина додека градот спиеше. Секој зрак од изгрејсонцето продираше во мене потсетувајќи ме дека со секое негово ново појавување сум сѐ поблиску до крајот на тоа лечење. Одев по тој пат во сојузништво со многу раце кои ме држеа, секогаш кога ќе се затетеравев. Го чувствував нивниот допир на лицето кога ми ги бришеа солзите, а гледав како некои ми стануваат далечни. Гледав како доаѓаат и некои нови, кои беа непознати, а ми годеа.
Не болест моја, јас не ти се лутам.
Не знам точно колку време си била сместена во мене, но јас веќе не сум твој домаќин. Дури не те ни мразам, во моето срце нема простор за такво нешто.
Всушност, додека ти ме полеваше со зрелост, јас го пронаоѓав детето во себе. Ме вееја ветришта и се колебав на животните крстосници, но љубовта ми го покажа патот.
Затоа, овој октомври да преземеме акција и да им порачаме на оние кои сега талкаат, дека ќе го најдат светлото на крајот од тунелот. Без предрасуди да им кажеме дека и ова ќе помине, дека иднината по која копнеат, можеби и не е толку далечна колку што им се чини.
Ви посакувам храброст и многу здравје,
Ве сака Вања