Попишани вкупно 1.832.696 лица, резултатите од првиот Попис по пауза од 20 години ќе се објават во март – ММС
ММС

Објавено на: 09/30/21 9:10 PM

Попишани вкупно 1.832.696 лица, резултатите од првиот Попис по пауза од 20 години ќе се објават во март

„Пописот успешно заврши. Оваа операција е резултат на труд и ентузијазам. За ова им упатувам честитки на вработени во Државниот завод за статистика, им изразувам голема благодарност на сите учесници во операцијата, комисиите на пописните реони и до сите попишувачи, до медумите, но пред се, до граѓаните кои  и ја препознаа важноста на пописот и ја остварија својата обврска“, се обрати вечерва директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија успешно заврши. Попишани се 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови, Во дијаспората, истакна Симовски, се самопопишале 204.805 македоински државјани, најмногу од западноевропските земји, а многу помалку од прекуокеанските земји.

Резултатите од пописот се очекува да бидат објавени во рок од шест месеци од денот на завршувањето на пописот, односно до крајот на март следната година.

– Со примената на комбинираниот пописен метод и со користење на новите алатки се овозможи ефикасно следење на пописот на терен. Сите објекти кои беа предмет на попис беа посетени по неколку пати. Оние кои не ги најдовме, ги повикавме да дојдат во нашите канцеларии и сами да се попишат. Оние кои не успеаја тоа да го направат, ќе влезат во пописот бидејќи се очекува да ги има во некоја од базите кои се користат при обработка на податоците- информираше Симовски.

Од опфатените објекти за живеење, напомена, 91 процент биле предмет на пописот. Останатите девет отсто не се за домување.

На прес-конференцијата се обрати и заменикот-директорот на ДЗС, Илми Селами.