Општина Берово постхумно ќе го одликува словенечкиот пожарникар Жан Кофол, еден од најактивните во гаснењето на пожарите во Малешевијата, а кој несреќно го изгуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Горица.
Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски денеска на својата официјална Фејсбук страница најави дека на првата наредна седница на беровскиот Совет ќе поднесе иницијатива за именување улица која ќе го носи неговото име.
– За постхумно одликување, до Советот на Општина Берово ќе поднесам иницијатива да именуваме улица во Берово по името на овој хуман херој кој им помогна на Берово и Малешевијата кога ни беше најтешко, истакна Пекевски.
Кофол беше дел од словенечката група доброволци која учествуваше во гаснењето на огнената стихија во околината на Берово и Пехчево. Тој беше еден од најмладите во својот тим, а пред само неколку дена пред неговиот 20 роденден учествуваше на симулациска вежба за сообраќајна несреќа.
МИА